Во оваа транзиција сега е потребно Европската Унија да покаже лидерство за да се постигне глобална зелена обнова, велат Микеле Болоња и Пастора Валеро за „Еурактив“
Како да се подобри ефикасноста на енергетската мрежа
Климатската конференција КОП26 ја покажа потребата од поголема соработка и политичка волја за донесување глобални одлуки за борба против климатската криза. Се наоѓаме на критична точка на пресврт, каде што општественото барање за климатска акција е без преседан. Покрај јасните цели за декарбонизација што произлегуваат од поголемите цели за обновливи извори на енергија, стратегијата за електрификација за Европа е од суштинско значење за зголемување на енергетската безбедност и здравствените придобивки. Електрификацијата и дигитализацијата несомнено најдобро ги опишуваат трансформациите што се случуваат во енергетскиот сектор. Во оваа транзиција сега е потребно лидерство во Европската Унија (ЕУ) за да се постигне глобална зелена обнова.
Зошто е важна дигитализацијата на енергетскиот сектор
Дигитализацијата на енергетскиот сектор е клучна за исполнување на климатските цели и обезбедувањето одржлива иднина, бидејќи овозможува поголем влез на обновливите извори на енергија, поголема ефикасност на мрежата и иновативни услуги за клиентите. Со ваквите технолошки достигнувања имаме единствена можност да ја водиме транзицијата на општеството кон зелена и дигитална иднина. Технологијата овозможува трансформација на струјната мрежа, поврзување на енергетските екосистеми и зголемување на ефикасноста на производството и побарувачката. Решенијата за управување со мрежата се клучни за ефикасноста на дистрибуцијата, поголемата отпорност, намалувањето на трошоците, трансформирањето во паметни мрежи и овозможувањето поефективно управување со работењето и услугите за клиентите базирани на платформи. ЕУ мора да ги зајакне целите за поврзување и да го забрза распоредувањето на инфраструктурата. За да се овозможи распоредување на паметни мрежи, политичарите мора да воведат регулаторни мерки и најдобро да ги искористат европските фондови.
Потребна е високо квалификувана работна сила
Дигиталната трансформација, предводена од зголеменото потпирање на автоматизацијата и машинското учење, ги обликува новите барања за сегашната и идната работна сила. Со дигиталниот компас за дигиталната деценија на ЕУ, на земјите-членки им беше доделена амбициозна цел за 80 отсто од европското население да се стекне со основни дигитални вештини до 2030 година, како и да обучат 20 милиони специјалисти од информатичкиот сектор. Потребни се партнерства меѓу земјите-членки, индустријата и граѓанското општество за да се остварат соработки и да се најдат иновативни решенија за да се премости постојниот и идниот јаз во европските вештини.
Патот до поодржлив свет бара акција на сите фронтови. Бидејќи политичарите сакаат да ги исполнат ветувањата од КОП26, тие треба да се посветат на зададените цели и да се стремат да ја спроведат енергетската и дигиталната транзиција што ќе обезбеди инклузивна и одржлива иднина за сите.