Агуеро ја почна кариерата во аргентинскиот Индепендиенте, потоа играше за Атлетико (ги освои Лига Европа и Суперкупот на УЕФА), во Манчестер сити си обезбеди место во клупската историја, а од мај беше член на Барселона. Во репрезентацијата на Аргентина е трет најдобар стрелец и славеше на Копа Америка годинава

СЕРХИО АГУЕРО СЕ ЗБОГУВА СО ФУДБАЛОТ

Аргентинецот Серхио Агуеро (33) објави дека се повлекува од фудбалот поради срцеви проблеми. На својот твитер-профил тој објави: „Пензионирањето под овие околности е тешко, но животот е на прво место, тоа го знаев од самиот почеток“. Агуеро летово се пресели во Барселона од Манчестер сити, а на мечот со Алавес во октомври беше заменет откако доби медицинска помош на теренот поради болки во градите и вртоглавица. Потоа беше пренесен во болница, по што му беше наложено да паузира три месеци.
– Решив да престанам да играм фудбал. Тоа е многу тежок момент за мене, одлука што е поврзана со моето здравје, поради проблемот што го имав пред месец и половина. Бев во добри раце на медицинскиот персонал, кој даде сѐ од себе и ми кажа дека најдоброто нешто би било да престанам да играм. Направив сѐ што можам за да имам некаква надеж, но немаше шанси – им изјави на новинарите емотивниот Агуеро.
Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, беше еден од неколкуте претставници на поранешните клубови на Агуеро што присуствуваа на прес-конференцијата. Манчестер сити му оддаде почит на својот поранешен напаѓач на социјалните мрежи. Агуеро ѝ се приклучи на Барселона во мај, поради повреда паузираше до октомври, по што следуваше дебито на мечот со Валенсија.

Агуеро ја почна кариерата во аргентинскиот Индепендиенте, постигнувајќи 23 гола од 2003 до 2006 година, пред да се пресели во Атлетико. На 234 меча во сите натпреварувања за Атлетико, тој постигна 101 гол и ја освои Лига Европа во 2010 година, како и Суперкупот на УЕФА. Во Сити замина во 2011 година и си обезбеди место во клупската историја со голот постигнат во последните мигови за победата над Квинс парк ренџерс на решавачкиот натпревар од сезоната 2011/2012, со што беше обезбедена првата титула во Премиер-лигата. Агуеро го собори рекордот на Ерик Брук како најдобар стрелец на клубот на сите времиња во 2017 година. На 390 меча, тој постигна 260 гола и освои голем број трофеи, вклучувајќи пет титули во Премиер-лигата, шест трофеи во ФА и во Лига-купот. За Аргентина постигна 42 гола на 101 натпревар, што го прави трет најдобар стрелец зад Лионел Меси и Габриел Батистута. Тој беше и дел од репрезентацијата на Аргентина што ја освои Копа Америка годинава.