Фото: Пиксабеј

Ковид-19

Бројот на новозаразени ученици со ковид -19, дневно, согласно податоците од училиштата, се движи од 0,01 до 0,03 проценти од вкупниот број на ученици, велат од Министерството за образование и наука (МОН). Во моментов пак, според МОН, има околу 0,3 проценти проценти заразени ученици, или, активни случаи, како што се евидентираат.

Ако се земе предвид дека бројот на ученици во основните и средните училишта е 259.235 ученици, излегува дека има околу 778 активни случаи на деца и млади, кои посетувале настава со физичко присуство.

Од МОН потенцираат дека во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на Центрите за јавно здравје, за спречување на пренесување на вирусот.

– Постојано апелираме до учениците, наставниците и родителите, доследно да се почитуваат здравствените протоколи, кои покрај вакцинацијата се најдобриот начин да се превенира ширењето на заразата, за да може да се одржува наставата со физичко присуство како најдобра опција во интерес на учениците – истакнаа од МОН.

Во тек е второто тромесечие од оваа учебна година, наставата се одвива со физичко присуство во училиштата.
Доколку во едно одделение или клас има заразени ученици, епидемиолог одлучува кој се треба да оди во изолација, врз основа на податоците за контактите кои ќе ги добие од учениците, вработените во училиштата и родителите.
За учениците кои се позитивни или во изолација може да се организира онлајн-настава, исто како и за учениците чии родители или старатели побарале настава на далечина. Комисијата за заразни болести, која на дневно ниво ја следи епидемиолошката состојба во училиштата, одлучува за евентуална промена на моделот на настава.


Слична е состојбата и во градинките ширум земјава.
Согласно податоците од Министерство за труд и социјална политика во моментот имаме пријавено 47 вработени и 39 деца, позитивни на ковид-19, кои се наоѓаат во домашна изолација – велат од МТСП, притоа потенцирајќи дека повеќето од заразените е од скопските општини.