Во тек е 22-от „Блуз и соул-фестивал“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, кој се одржува во пивницата „Стар град“ (Темов) во Старата скопска чаршија. Изведувачите годинава се од Македонија, Србија, Белгија и Данска и се по избор на Иво Солдатовиќ, кој втора година е селектор на фестивалот.
„Блуз и соул“ вчера го отвори „Кросроуд блуз бенд“, еден од најпознатите македонски блуз-бендови, кој на сцената опстојува повеќе од две децении. Првата фестивалска вечер беше заокружена со четиричлениот белгиски состав „Шејкдаун тим енд д ритам ревју“, основан од Тим Шејкдаун, кој свири динамична комбинација на блуз, џамп-блуз и буги, до свинг и ритам и блуз.
Денешната, втора фестивалска вечер ќе ја отвори квинтетот „Д Гамблерс“ од Сремска Митровица, Србија, за кој селекторот Солдатовиќ рече дека е легендарен блуз-состав од 1984 година и оттогаш ја освојува регионалната блуз-сцена и настапува на престижни фестивали низ Европа.
Саботната блуз-вечер ќе заврши со настап на „Крис Греј енд д блуз спенд“ од Данска, трио на Крис Греј, кој е блуз-ѕвезда во Европа и светот. Нивниот груви-фанки блуз во последните две години ги освојува блуз-обожавателите низ Европа, а нив ги прави меѓу најпопуларните блуз-бендови.
На годинашниот фестивал ќе гостува уште еден српски блуз-бенд – петчлениот „Д Блушамер“ од Нови Сад, кои прават атрактивни концерти со тексашки блуз и јужњачки рок и фанк. Тие ќе настапат утревечер, а по нив фестивалот со диџејски сет ќе го затвори Васја Ивановски, долгогодишен радиоводител и поранешен селектор на „Блуз и соул-фестивалот“.
Селекторот Солдатовиќ ги повика сите што може да поддржат и да спонзорираат македонска музика да им се обратат за, како што рече, да направат специјален фонд само за македонска вечер. Концертите почнуваат од 21 часот, а влезниците за секоја вечер се по 200 денари или 500 денари за блок-влезници сите три вечери.