Рокенролот не е само правец во музиката. Тој пред сѐ е состојба на духот и свеста. Може да биде во филмот, книжевноста, сликарството и политиката. Најдобар пример за тоа е Леонард Коен, чиј живот во секој момент се претвораше во рокенрол и поезија. За време на животот беше најголем поет помеѓу музичарите и ненадминат музичар помеѓу поетите, бард на светската поезија и гуру на алтер рок и поп-музиката. Тоа, а и нешто повеќе, е и денес, две години по неговата смрт. Великан на светската поезија и легенда на меланхоличната рок и поп-музика. Ненадминат поет на љубовта, тагата и болката, квалитетниот романописец/текстописец, моќен композитор, љубопитен авантурист, тивок будистички свештеник, боем со блага душа и стил на современ данди во 21 век. Откога во 1992 година поблиску го запознав, преку неговите книги со поезија: „Силата на робовите“, „Што правам јас овде“ (избор 1956 – 1986) и преку албумот „The Future“ (1992), со музичките нумери во него, „The Future“, „Closing time“ и „Democracy“, тој влезе во мојот живот со песни што личат на молитви. Подоцна дојде и албумот насловен „Ten new songs“. Доколку ги додадам од порано и легендарните, ако не и култни: „Suzanne“, „So long, Мarianne“, „Bird of the Wire“, „Hallelujah“ и „Dance me to the end of love“, слободно можам да кажам дека го восприемам како наратор што ми го раскажува животот во форма на бесконечна балада.

Токму поради тоа тој во 1992 г. стана мојот учител за животот и филозоф за суштината на нештата, кој преку грозоморноста на денешницата, ја предвидуваше иднината. Еден вид Нострадамус на денешното време. Кога пишуваше пoезија за минатото и ни пееше за моментот што го живееме, тој ја предвидуваше иднината. Неговата поезија и неговите песни, најпрвин ме научија да бидам искрен, кон себе и кон животот, а подоцна и да ѝ бидам верен на сопругата и лојален и приврзан кон семејството, работата и соработниците. Таа искуствена школа на животот ја восприемав со секој нов ритам обоен со разновидни тонови на неговите песни, преку неговиот автентичен глас – кадифен баритон, кој, кога ќе го чујам, ми звучи како Коен да говори во сон. Тоа е еден вид трансценденција во врска со Коен, која е трајна форма.

Во секоја од горенаведените песни се преплетуваат тагата, радоста, надежта и очајот, но таа испреплетеност ја чувствував и во душата на легендарниот пеjач, секогаш кога и да слушав која било негова песна. Затоа тој за мене е и принц на лириката со камерен звук, уметник со модерен романтичен став, моќен поет, кој поаѓајќи од своите лични искуства и расположенија, говори, рецитира и пее, сугестивно и интелектуално истенчено, за љубовта, пријателството, чувството на заедништво, самотијата и загрозеноста. Тврдам дека отсекогаш бил поет што со музика ја оживеа поезијата. Музичар што со поезија го облагороди рокенролот. Автор и творец кого никој не можеше да го имитира. Леонард Коен е мерка за работите кога станува збор за рок-поезијата. Според него: „Љубовта е оган/Таа го гори секого/Таа го разобличува секого/Таа е оправдување на светот/За неговата грдост“. За жените пишуваше поезија, им посветуваше песни, тие беа неговите музи. Најмаркантни беа Сузан и Мариан, опеани во култните песни „Suzanne“ и „So long, Мarianne“. Сепак, за сите нив, меѓу другото велеше: „Би сакал жените да ја побрзаат работата. Тоа несомнено ќе се случи. Па, ајде тогаш да помогнеме тоа, навистина да се случи. Тогаш дефинитивно ќе сфатиме дека жените навистина се дух и сила што држи сѐ заедно, а мажите се алапачи и уметници. Тогаш би можеле да се позанимаваме со работата, а тие би можеле да го одржуваат светот во живот.“

Кога пишува и пее за убавината, ја објаснува со убавината на ноќта, на човекот и пролетта, за да поентира дека голема е привилегијата да се биде убав. Неговата поезија претставува мешавина од традиционални поетски форми, праисконски романтизам и сонувачки визии набиени со еротизам и христијански алузии. Неговата музика можеме да ја сфатиме како продолжување на поезијата, како ширење на можностите за нејзино изразување, отколку како типичен производ на рок и поп-музиката. Пред сѐ затоа што во неговите песни има истенчена медитативност и своевидна зрелост на уметник што својата поезија ја претставува преку барокни слики на неговата лирика. Таквата лирика на поезијата на Коен ѝ дава константи, како што се: способноста без специјални поврзувачи хармонично да ги поврзува надреалистичките и крајно реалистички слики од животот; опседнатоста со љубовта, како единствена сила што може да го извлече човекот од светот на дуализмот во кој престојува; настојувањето да се пробијат рамките на митологијата, кои се огромна закана за воспоставување врховни чувари на човековиот дух; обидите да се срушат табу-темите, кои можат да добијат митолошки вредности; и немоќта на единката да пронајде постојани вредности во светот на технолошкиот развој. Од сето ова се гледа дека поезијата со вакви константи од Коен направи трубадур на 20 и 21 век – човек што стои сам наспроти целиот свет. Поезијата на Коен создава атмосфера на придушен гнев и невротични преиспитување на секојдневните искуства во светлото на митолошките слики создадени во нашата свест (читателите на неговата поезија).

И сосема е нормално што тој во „Книгата на милоста“, која ја напиша во педесеттата година од животот, ќе напише: „Благословен е оној што во срцето на патникот го чека својот ред“. А дека тој самиот е патник што патува низ времето, епохите и историјата, тоа е сигурно. На тој патник – Леонард Коен – песните, дефинитивно, се неговиот пат. Беше скромен, тивок и повлечен. За себе не размислуваше ниту како за писател и изведувач, ниту на нешто слично. За него да се биде човек беше многу повисоко чувство од сето тоа. Тој беше човек што ја бараше смислата на постоењето и животот воопшто. Истражувач на најнедостапните дамари на нашите души. Две години по неговата смрт му се заблагодарувам што кога зборуваше за политиката, како да зборуваше за љубовта. Така внесе интелигенција во глупоста, длабочина во плиткоста. Алелуја.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)