Дали знаете дека…
Шах е спортска игра на квадратна табла за двајца играчи. Таблата е поделена на осум реда и осум колони и има 64 полиња, кои се наизменично темни и светли (често се вели „црни“ и „бели“). Името на играта потекнува од истоимениот персиски збор („شاه“) што значи „крал“.
Шаховските фигури, освен кралот и кралицата, ги симболизираат четирите рода на војската: пешадија, коњица, слонови и бојни коли. Таа симболика во преводите на разни јазици со текот на времето се изгубила.
Не постојат сигурни податоци за времето на настанување. Најверојатно играта се појавила пред повеќе од 2.000 години. При археолошките ископувања во Узбекистан биле најдени две фигури изработени од слонова коска, идентификувани како шаховски фигури, а датирани во времето на владеење на царот Хувишке (втори век).
Во 5 век во Индија настанал посебен вид воена игра на дрвена плоча, која на санскрит го носи називот „чатуранга“, што значи четвороделен. Движењето на фигурите се одредувало со фрлање коцка. Во 6 век играта била прифатена од Персијците („чатранг“), а од нив ја презеле во 7 век Арапите и нарекувајќи ја „шатранџ“, во 9 век ја пренеле во Шпанија. Според некои истражувачи, шахот води потекло од Кина или од Средна Азија. (Википедија)