Денес во средното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид пензиските друштва го отворија вториот „Пензиски парк“ во рамки на кампањата „Засади желба, за поубава иднина“, која освен едукација и информирање на населението за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд вклучува и општествено одговорни активности.
Претставниците на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје нагласуваат дека оваа година кампањата е насочена кон активирање на промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнат, мотивираат и инспирираат младите генерации, со цел да постават нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење, преку раззеленување на дворовите во четири средни училишта и создавање на „Пензиски паркови“ како симболи за активниот удел кој младите го имаат во планирањето на сопствениот живот и иднина.
По паркот кој пензиските друштва го засадија во средното училиште „8-ми Септември“ во Скопје минатиот месец, денес создадоа ист таков парк и во Охрид, во средното училиште „Св. Кирил и Методиј“. До крајот на декември планирано е акциите за садење дрвја да се одржат и во уште две други средни училишта.
Пред самиот почеток на денешната акција, на учениците им се обрати директорката на училиштето Царева Цветаноска.
-Денес нашето училиште е дел од активностите поврзани со едукативната и еколошка иницијатива на трите пензиски друштва – Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво. Ваквите настани се одличен пример за младите генерации во однос на подигнување на еколошката свест и развивање на чувството за нашата околина. Со ваквите акции на младите им се дава пример како треба да се негува и одржува природата, бидејќи здравата животна средина е клучна за здравјето на човекот. Се надеваме дека во иднина ваквите проекти ќе продолжат и ќе преминат во традиција, со што сите ние ќе придонесеме за поздрава и почиста околина. Да оставиме добар пример на младите како во иднина треба да се грижат за природата и на кој начин да остават свој белег во подобрувањето на климатските услови. Климатските промени се предупредување и повик дека човекот мора да преземе нешто за да се спречи уништувањето на природата. Човечкиот фактор е најодговорен како за уништувањето на природата така и за нејзиното возобновување. Да дејствуваме локално, за да мислиме глобално – изјави Цветаноска.
Акцијата се состоеше од чистење на дворот, подготовка на почвата и садење на 15 средно созреани листопадни садници од пет видови, а во неа заеднички учествуваа учениците и дел од вработените во пензиските друштва.
-Кога размислувавме со колегите од сите три пензиски друштва како нашата кампања најдобро би стигнала до сите генерации коишто се засегнати, сакавме да најдеме симболична порака во подигањето на еколошката свест, односно во поттикнувањето на здрава непосредна животна околина. Секое засадено дрво, освен што ја подига еколошката свест, значи и подобри услови за живеење за сите нас. На тој начин симболично го поврзавме и системот на подигање на свеста на пензиските друштва, со што сакаме особено кај вас најмладите да поттикнеме интерес да се обидете да дознаете што е можно повеќе за тоа како изгледа еден пензиски систем, од што тој се состои, и финансиски да се едуцирате за да бидете дел од него кога за тоа ќе дојде време. Сите ние сме идни пензионери, и како што секое мало дрвце може во иднина да преработи одредена количина јаглерод диоксид и да изгенерира чист воздух, така и вие кога би знаеле што ве очекува утре би требало да осознаете како да обезбедите социјална стабилност за вашиот живот во иднина – изјави Тихомир Петрески – претседател на Управен одбор на Триглав пензиско друштво.
Пензиските друштва објаснуваат дека ќе се стремат кон тоа општествено одговорните активности да станат редовна пракса, во едукативните настани за македонскиот пензиски систем.