Главниот државен епидемиолог во Шведска, Андерс Тегнел, за новинската агенција АФП изјави дека Шведска нема намера да ја промени својата стратегија за пандемијата поради појавата на сојот омикрон.
„Сè уште станува збор за истата болест. Имаме причина да веруваме дека мерките што ги презедовме досега ќе бидат ефективни против овој сој“, рече Тегнел додавајќи дека постојат сомнежи и загриженост за тоа колку ефикасни ќе бидат постојните вакцини против омикрон.
Во Шведска досега се потврдени четири случаи на омикрон. Сите тие се поврзани со патување во Јужна Африка.
Во земјата организаторите на јавни собири со повеќе од 100 луѓе, пред сѐ, во културниот, спортскиот и во забавниот сектор, мора од учесниците да побараат сертификати за вакцинација или да воведат дополнителни мерки, како што се ограничен број учесници.
Мерката не се однесува на ресторантите, кафулињата, продавниците, училиштата, јавнинот превоз и на јавните институции. Иако бројот на заразени се зголеми во последните денови, Шведска сè уште има една од најниските стапки на зараза и смртност во Европа. Вкупно 20 лица починаа од Ковид-19 во последните седум дена.
Во болниците има 291 пациент со коронавирус, од кои 41 се на интензивна нега. 79 отсто од оние над 12 години се вакцинирани со две дози.