При дополнителен преглед на македонскиот туристички автобус кој изгоре на автопат во Бугарија било пронајдено уште едно тело. Со тоа бројот на жртви се искачи на 45, објави Бугарското национално радио. Оваа информација ја потврди бугарскиот заменик главен обвинител и раководител на Националната истражна служба Борислав Сарафов.
-Во 21:15 часот во трагичната ноќ преку граничниот премин „Капитан Андреево“ влегле 52 патници, од нив во автобусот пронајдовме 45, а седуммина се во болницата Пирогов. За жал нема уште еден спасен – вели Сарафов.
Тој вели дека истражителот и обвинител испратени во Скопје ќе останат во Македонија до недела. Тие треба во Бугарија да ја донесат документацијата поврзана со изгорениот автобус и примероци од ДНК од роднини на загинатите. Веднаш потоа ќе почне и идентификација на жртвите.