Најмалку триесет мигранти загинаа денеска при потонување на нивниот брод кај Кале, во каналот Ламанш, каде се очекува да пристигне министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан.
Францускиот премиер Жан Кастекс рече дека „ова е најсмртоносната трагедија“ од зголемените миграциски премини на каналот во 2018 година, соочени со зголеменото затворање на пристаништето Кале и Евротунелот што дотогаш ги користеа мигрантите, обидувајќи се да стигнат до Англија.
– Моите мисли одат кон бројните исчезнати и повредени, жртви на криминални шверцери кои ја искористуваат нивната неволја и беда – додаде Кастекс во пораката објавена на Твитер.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека „околу 14 часот, рибар пријавил дека открил петнаесет тела што пловеле кај Кале“.
Обвинителството во Данкерк отвори истрага за „тешко убиство од небрежност“.
Според поморската префектура на каналот Ламанш и Северното Море, во пребарувањето учествуваат три хеликоптери и три чамци.
Британскиот премиер Борис Џонсон свика меѓуминистерски кризен состанок за да разговара за „ситуацијата на каналот“.