Фото: Архива/ Нова Македонија

Царината од утрово прави внатрешна контрола за тоа кој го пропуштил автобусот на „Беса транс“ кој бил без лиценца на граничниот премин „Деве Баир“. Ова уследи откако  Министерството за транспорт и врски вчера соопшти дека превозникот не го регистрирал ова возило кое целосно изгоре, а во него, според првичните информации, животите ги загубија 46 македонски државјани.

– Од рано утрово, Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин – велат од Царина.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кажа дека при излегување од државата, Царинската управа требало да прави редовна контрола при секое напуштање на државата со патници.

– По добиените информации од МВР за опожареното возило, констатиравме дека тоа не било пријавено и поради тоа го нема во базата на Министерството за транспорт и врски. Превозникот е должен веднаш, а најдоцна за 15 дена, да ги пријави сите промени настанати во поглед на исполнување на условите, тоа е пријавување или одјавување на возило или возач – кажа Бочварски.