Оризот од Кочанско не е генетски модифициран, покажаа суперанализите направени во германската лабораторија „Еурофинс ХОС тестинга“ во Софија.
Како што соопшти директорот на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), Благој Индов, станува збор за сортите ориз што по првичните анализи на Факултетот за ветеринарна медицина покажаа присуство на ГМО.
– Резултатите од суперанализата на позитивните примероци ориз што беа испратени во акредитирана лабораторија на ЕУ се негативни. Тоа значи дека оризот од кој беа земени примероците не е генетски модифициран – истакна Индов.
Инспекторатот контролирал повеќе складови и зел вкупно седум мостри од сомнителните сорти. Притоа, кај две резултатите биле позитивни за ГМО, поради што биле испратени на суперанализа.
– Контролите продолжуваат. Примероци за анализа ќе се земат и од следната реколта, од оние сорти за кои сметаме дека се сомнителни – рече директорот.
Негова оцена е дека производителите во Кочанско нема да претрпат штети зашто анализите се спроведувале во период додека оризот сѐ уште бил во фаза на стасување, а жетвата допрва ќе почне. Е.Р.