Познавачите забележуваат дека во една сериозна референдумска кампања не смее да се остави простор за какви било двосмислени толкувања
Водечките пораки од кампањата за претстојниот референдум на големите партии не се многу ветувачки, ниту претерано иновативни за граѓаните. Јавноста дури започна да лови гафови на политичарите и нивните протоколарни служби, а најгласно одекна оној на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кога на митинг во Велес пред присутните граѓани изјави дека ни е потребен камшикар од ЕУ и НАТО да нѐ потсреди сите, почнувајќи на чело со него, па сите надолу. Познавачите забележуваат дека во една сериозна референдумска кампања не смее да се остави простор за какви било двосмислени толкувања.
Од друга страна, несекојдневниот потег на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски пред насобраните граѓани во Штип, каде што клекнат на колена побара граѓаните да бидат внимателни на претстојниот референдум, исто така предизвика голем број реакции што алудираат на иронијата во мигот и изборот на зборовите на лидерот на тогашниот собир. Имаше зајадливи коментари и дека паѓањето на колена е всушност одраз на позицијата во која се наоѓа лидерот на опозицијата, без поддршка од некого. Од гафови не е изземен ниту протоколот на владините служби. Така, во екот на референдумската кампања, медиумите пишуваа и за дипломатски гаф кога службите не увидоа при доаѓањето на австрискиот канцелар Себастијан Курц во Скопје дека знамето што беше истакнато на неговиот прием всушност не е австриското, туку на друга европска земја. Сето ова е потврда дека кампањата за референдумот се одвива меѓу гафови, нејасни пораки и вистински убедувања.
Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска вели дека, како за почеток, пораките од референдумската кампања не се многу ветувачки, тие се конфузни и нејасни. Честопати се забележува користење пораки и слогани без каква било поврзаност со стратегијата за настап. Пораките не се создаваат во вакуум, а јавноста има чувство дека тие се премногу користени или, што е уште полошо, трансформирани во нешто непожелно, досадно, безначајно или нешто што служи за потсмев.
– Треба да се внимава дека во јавните говори секоја порака искажана може да биде двосмислено сфатена. Може некој ќе сфати дека камшикот е лично за него а симболиката со камшици или какви било други работи не е соодветна и на тоа треба да се внимава. Истото тоа важи и за опозицискиот лидер и неговиот
несериозен испад пред штипјани. Таков тип гестикулации и пораки како неговата се двосмислени и не се пожелни за гласачкото тело. Мора да се испраќаат јасни пораки, а народот да ги прима и да ги анализира без притисоци, потсмеви и нервоза во исто време, бидејќи само како такви ќе ги земат за сериозни – подвлекува професорката Кафеџиска.
Професорката дообјаснува дека неколкупати досега во своите изјави апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа, која може да предизвика граѓанско незадоволство. Таа советува дека лекот за да не се случуваат повторно вакви работи е ангажирање образовани кадри за односи со јавноста и почитување на кодексот на дипломатскиот протокол, кој, според неа, не е факултативна обврска туку сериозна професија.
– Нашите политичари не можат да разберат дека дипломатски протокол е врвна наука. Дипломатски протокол има за сѐ и е потребен и од значење за државава. Има и поискусни кадри што работат во министерствата со кои треба да се консултираат помладите доколку наидат на нејаснотии. Сепак, спасот е да сфатат највисоките функционери во државава дека кон тие работи не може да се однесуваат аматерски и несериозно доколку сакаме на странците да им кажеме дека сме 30 години зрела држава. Пораката треба да биде јасна, прецизна, со претходна анализа до кого и како ќе се испраќаат пораките. Во спротивно, доколку не се следат овие упатства, јавноста ќе реагира со потсмев, а странците нема да сфаќаат дека сме сериозни во нашите намери за просперитет – заклучува Кафеџиска.
Од друга страна, политикологот Димитар Димов вели дека пораките за време на референдумската кампања треба да потекнуваат и да се создадени од слоганот, односно партиите преку комуникациски техники да ја пренесат својата порака до граѓаните без потсмев, иронија и двосмисленост.
– Речиси на секоја кампања, дали изборна или референдумска, се потребни три техники, а тие се едноставна порака, да биде аргументирана и да се има ефективен слоган. Најважно е, според мене, пораката да биде создадена пред слоганот. Во идеален случај, слоганот ќе го долови духот на пораката на моќен и концизен начин. Пораките и слоганите треба да ги опфатат потребите, барањата и вредностите на граѓаните – вели Димов.
Според него, без разлика колку и да паѓаат во искушение, кандидатите или политичарите треба да одбегнуваат да зборуваат за она што ќе го сторат тие, туку треба да зборуваат за тоа како ќе им го подобрат животот на луѓето.
Матис прерано слегол од авионот?!
Иако беше познато со денови дека американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Матис, доаѓа во посета на Македонија, протоколот и овој пат беше неподготвен. Црвениот тепих се местеше и метеше буквално пред неговите нозе. Ден потоа за ваквиот пропуст со соопштение во јавноста се огласи и Академијата за протокол, која всушност го организирала пречекот на високиот американски дипломат во земјава. Како појаснување оттаму рекоа дека тоа било вообичаена процедура кога воените почести се на аеродром. Според Академијата, килимот се мести по слетувањето на авионот и нормално дека речиси секогаш се зачистува од стапките. Грешката во протоколот, според нив, не може да се препише на нивно конто, бидејќи, според нив, проблемот бил кај американскиот министер за одбрана Матис што не почекал во авионот уште неколку минути да се подготват домаќините, нешто што е вообичаена практика кога ве дочекуваат со почести.