Во државата 65 отсто од населението сè уште не се вакцинирани, што се должи на ширењето разни теории на заговор и влијанието на тамошната православна црква, пишува Лина Фервшвеле за „Шпигел“
Зимскиот бран и слабиот здравствен систем проблем за Романија
Приближно 65 отсто од Романците сè уште не се вакцинирани, поради што болниците во земјата се преполни во изминатиот период. Болничарите известуваат дека понекогаш треба да проверат во три болници пред да најдат слободен кревет за хоспитализација или мора со часови да се грижат за пациентите во амбулантните возила. Повеќето од болните се невакцинирани.
На почетокот од годинава, државата добро се бореше против пандемијата. Кога пристигнаа првите вакцини, Романија за кратко стана лидер во имунизацијата и за само неколку недели имаше повисока стапка на вакцинација од повеќето европски земји. Државата успеа да ги вакцинира дури и бездомниците без многу напор. Меѓутоа, есенва Романија се соочува со најлошиот бран на коронавирусот од почетокот на пандемијата, поради што нејзини пациенти беа испраќани во полските и во унгарските болници. Од почетокот на овој месец, едно лице на секои три минути го губи својот живот поради ковид-19. Ниедна друга земја во светот во моментов нема полоша стапка на смртност од неа. Докторите се жалат дека пациентите предоцна бараат лекарска помош, што се должи на нивната недоверба во медицинските лица. Неодамнешната мака на Романија е симптом на кризите со кои земјата се бори со години, а во пандемијата, болниот здравствен систем се судри со недовербата кон државата, која многумина ја сметаат за корумпирана и рамнодушна. Исто така, во изминатите месеци над 20 лица загинаа во пожари на интензивните одделенија во романските болници, што се должи на лошите услови, бидејќи Романија троши само шест отсто од БДП за здравството.
Егзодус на медицински кадар
Откако државата стана членка на Европската Унија (ЕУ), илјадници романски доктори емигрираа во други држави за подобри работни услови. Само во Германија работат околу 5.000 романски доктори, поради што медицинските студенти сега ги пополнуваат најголемите празнини во болниците и вакцинациските центри. Во момент на криза, Романија ја води преодна влада откако во септември падна владејачката коалиција. Државата во моментов се соочува со „хуманитарна катастрофа“. Во обид да го спречи растот на инфекциите, сегашната влада повторно воведе рестрикции, па така невакцинираните мора да останат дома во периодот од 21 часот до пет часот наутро. Во меѓувреме, се очекува вакцинацијата да помогне во борбата со вирусот.
Теории на заговор
Во Романија, генерално политичарите ја промовираат вакцинациската кампања. Романскиот здравствен експерт Влад Миксич смета дека тоа е грешка. Тој ја припишува зголемената стапка на вакцинација на растот на смртни случаи и новите рестрикции. Сепак постои недоверба во вакцините. Повеќе од едно од две лица во Романија верува дека владите развиваат вируси во лабораторија за да го ограничат движењето на луѓето. Тоа размислување е поттикнато од теориите на заговор што се шират на социјалните медиуми, но и на главните телевизиски канали. Членови на парламентот, како екстремно десничарската политичарка Дијана Шошоака, постојано зборуваат против вакцините, тврдејќи дека предизвикуваат стерилитет. Но најголемите телевизиски канали во Романија редовно ним им отстапуваат медиумски простор. Дури и свештениците од Православната црква ги советуваа нивните верници да не се вакцинираат.