Со новите предлог-мерки на Комисијата за заразни болести намерата беше да се поттикне процесот на вакцинација кај граѓаните. Меѓутоа, во Македонија и општо на Балканот, тоа не функционира така лесно, а ќе се постигне апсолутно спротивен ефект, смета д-р Сашо Олумчев, епидемиолог и раководител на Центарот за јавно здравје Велес.
– Уште на самиот почеток гледаме дека почна да се јавува револт кај граѓаните. Има поделби, присила, а почнаа да се шират секакви стории. Јас не ги оправдувам ваквите мерки, бидејќи со информирање за вакцинацијата требаше да се нафатиме уште на самиот почетокот на пандемијата – истакнува Олумчев.
За да постигне колективен имунитет, потребно е над 80 отсто од граѓаните да бидат вакцинирани. Освен тоа, студиите покажаа дека природностекнатиот имунитет кај прележаните е многу подобар отколку вакциналниот имунитет, според Олумчев.
– Мерките не се ниту навреме донесени, ниту се адекватни од епидемиолошка гледна точка. Со овие мерки се деградираат оние граѓани кои го имаат прележано вирусот, а им даваме еден вид предност на вакцинираните, што не кореспондира во никој случај. Вакцините, иако се важни во борбата против пандемијата, сепак сѐ уште не се усовршени, така што, да се присилуваат граѓаните да се вакцинираат ќе се постигне само спротивен, односно негативен ефект – вели Олумчев.
Тој додава дека поради тоа што ниедна вакцина не штити 100 отсто, кај вакцинираните граѓани се создава еден вид лажна сигурност, поради која и тие го шират вирусот. Затоа, здравствените работници треба да се насочат кон инсистирање на превентивните мерки, како што се носењето маски и одржувањето социјално дистанцирање.
– Ако веќе се воведува вакцинацијата, таа треба да биде воведена за сите, не може само јавната администрација и здравствените работници да се стават во оваа категорија. Кога ќе го изградиме колективниот имунитет, ќе може да се воведе сезонска вакцина, која секој ќе ја прима по сопствено убедување. Само така ќе имаме поголем оптег и поголем интерес за вакцинација – тврди Олумчев.
За поголем одзив и поголем успех, Олумчев смета дека е потребно здравствените служби да им ги објаснат придобивките од вакцинација на граѓаните, со цел да се поттикне процесот на имунизација. Студиите покажаа дека вакцинираните граѓани поминуваа со полесна клиничка слика и намален процент на смртност, што не ги оптоварува дополнително и здравствените институции.
– Медицинските работници треба да се вклучат во кампања за едукација на граѓаните за имунолошкиот механизам на вакцините, колку тие штитат и кои се потребите да се вакцинираат. Додека граѓаните не сфатат дека самите се одговорни за своето и за колективното здравје, бадијала им се и лажните сертификати. Секој треба да сфати дека сам е одговорен и кон себе, и кон општеството – заклучува Олумчев.