Климатскиот пакт од Глазгов, потпишан од страна на речиси 200 земји, има цел да го одржи ограничувањето на порастот на глобалните температури на 1,5 степен Целзиусов, но многу научници велат дека постојните ветувања не се доволни
Договорот што беше постигнат на Климатскиот самит во Глазгов беше поддржан од речиси 200 земји и првпат експлицитно беше насочен кон фосилните горива, а според него, од владите се бара да ги зголемат намалувањата на штетните емисии, но и да испратат помош за земјите погодени од катастрофалните последици на климатските промени
Климатскиот пакт од Глазгов е првиот климатски договор воопшто што експлицитно планира да ја намали употребата на јаглен, кој се смета за најлошото фосилно гориво за стакленичките гасови, известува „Би-би-си“. Но критичарите велат дека ветувањата не се доволни за да се ограничи порастот на глобалните температури на 1,5 степен Целзиусов. Како дел од договорот, државите ќе се состанат идната година за да постигнат нови големи ветувања за намалување на јаглеродните емисии, со цел да се постигне ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 степен Целзиусов. Сегашните ветувања, ако се исполнат, само ќе го ограничат глобалното затоплување на 2,4 степени Целзиусови.