Фото: Игор Бансколиев

Транзицијата на производство на електрична енергија од фосилни кон зелени ресурси низ призмата на земјите во развој

Во моменти кога економските суперсили ги кројат плановите како да ја ограничат употребата на јаглен за производство на енергија и да се префрлат кон обновливите еколошки извори, истовремено многу малку во светот се говори за начинот на кој ќе биде извршена транзицијата на капацитетите за производство на енергија на земјите во развој. Во оваа полемика, која е широкораспространета поради актуелната енергетска криза на глобално ниво, провејуваат неколку размислувања и дилеми за тоа како ќе изгледа транзицијата на процесите, колку ќе бидат загрозени државите во развој со недостиг од енергија и енергенти, дали развиените наметнуваат темпо на енергетска транзиција што е невозможно да се следи и чиј резултат е уште поголемо осиромашување на неразвиените земји, односно земјите од третиот свет? Но дали тоа е исто така и еден инструмент повеќе, покрај глобализацијата, во рацете на развиените со кој го вјармуваат остатокот на светот?!

Транзит кон „зелени енергии“, но не толку брзо и не по секоја цена

Некои од светските познавачи на состојбите со енергијата изминатиов период во своите анализи, соочувајќи се со предизвиците наметнати од климатскиот договор, велат дека замената на јагленот со другите „зелени горива“ во годините што следуваат нема да се одвива толку лесно, иако сега, според сегашните изјави на одредени светски лидери, наводно „кај нив оди лесно и едноставно“. Но како е кај земјите во развој? Имено, многу земји, особено посиромашните, немаат алтернатива за јагленот, а уште помалку и финансиски средства да ја постигнат потребната транзиција кон обновливите извори како што го прават тоа побогатите западни држави.
Понатаму, друг проблем со кој се соочуваат државите во времето на преминување кон обновливите енергии е неконзистентноста на природните ресурси и енергии, односно недостигот од ветер, вода и сонце како резултат, пак, на сѐ понеповолните глобални климатски услови.
Она што е можеби исто така извесен проблем поради кој транзицијата бавно се одвива на глобално ниво е и недостигот од гас како „зелен“ енергент, што поради геополитичките превирања, особено во Европа, периодов создаде дури и енергетска криза.

Преамбициозни планови за префрлање на енергијата од јаглерод на енергија целосно без јаглерод

Сергеј Кондратиев, заменик-шеф на економскиот оддел на фондацијата „Институт за енергија и финансии“ од Москва, вели дека богатите западни земји, особено Европската Унија и САД, прават амбициозни планови да ја префрлат енергијата од јаглерод на енергија целосно без јаглерод. Според него, најкратката временска рамка кога треба да се случи тоа, до 2050-тите и 2060-тите, е нереална, а енергетската криза што избувна оваа година во ЕУ поради недостигот од гас не ги вразуми европските претставници да бараат алтернативи.
– Отфрлањето на производството на јаглен го става европскиот енергетски сектор во многу ранлива позиција. И покрај големата побарувачка за гас во Европа, секогаш имало преминување кон јаглен. Но не се согласуваат сите во Европа со целосно отфрлање на производството на јаглен, бидејќи тоа ќе доведе до економска катастрофа. За ова најсериозно се дискутира во Источна Европа, особено во Полска и Чешка – вели експертот за енергетика Кондратиев.
Според него, Европејците правеа реални шоуа со видеа како ги затвораат рудниците за јаглен и електроцентралите за подоцна да останат без струја од тој енергент.
На оваа тема слично размислува и експертот Игор Чернов. Според него, плановите на Европа за целосно исфрлање на јагленот и јаглеродот тешко ќе се спроведат навреме и најверојатно ќе бидат одложени.

Македонија повеќе да вложува во домашната енергетика

Коментирајќи ги глобалните случувања од македонски агол, професорот во пензија по енергетика на Машинскиот факултет, Константин Димитров, за „Нова Македонија“ вели дека „дојдоа времиња секој да си зборува и прави што му одговара“.
Според Димитров, ние како мала земја, која најмногу зависи од увоз на скапа електрична енергија, наместо да се ориентираме кон сопствено производство, тешко ќе можеме да ја направиме зелената транзиција за која сите зборуваат и се залагаат.
– Секој си зборува што му одговара. ЕУ многу се насочи кон зелената енергија за да се ослободи од јагленот и течните горива, бидејќи тие загадуваат. Потоа народот се крена против нуклеарните централи во Унијата, но ако транзицијата трае до 2050 година, Европа ќе нема паралелен извор на енергија што може во целост да ги задоволи потребите. Имајќи го ова на ум, со сигурност тоа ќе остане да биде јагленот, без оглед на договорите на светските лидери – посочува професорот Димитров.
Според него, Македонија никако не треба по секоја цена го отфрла јагленот како енергент, што се покажа и од последната енергетска криза во земјава.
– Ние треба постепено и рационално да почнеме да инвестираме во гасни централи, хидроцентрали, ветерници и соларни системи, па дури и во модуларни нуклеарни мали централи. Со ваков начин единствено ќе можеме во скора иднина да го фатиме чекорот со зелените политики за кои се залагаат сите – оценува Димитров.