Златниот или сребрениот медал што ќе го понесе со себе Павлов е најголем успех досега за македонското сениорско карате од СП

КАРАТЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ДУБАИ

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов (29) постигна голем успех на Светското првенство (СП) во Дубаи, ОАЕ, откако се пласира во финалето, кое ќе се одржи в сабота. За златото тој ќе се бори со квалитетниот и нему добро познат француски натпреварувач Стивен да Коста. Павлов обезбеди најмалку сребро, што е најголем успех на еден македонски каратист во борби на светските првенства. Претходно Жарко Арсовски освои бронзен медал на СП 2010 во Белград.
Павлов (категорија до 67 кг) до финалниот дуел дојде откако забележа пет победи. Во првото коло го совлада Словакот Матеј Хомола (4-3), а потоа следуваа победите над Узбекистанецот Садридин Сајматов (3-0), Јорданецот Абдалах Хамат (3-1), Египќанецот Али Елксави (4-1) и во полуфиналето над Унгарецот Мартиал Тадиши, откако Павлов прв освои поен, инаку резултатот по завршувањето на борбата беше 3-3. Со тоа Павлов ја зголеми својата колекција медали. Тој на европските првенства (ЕП) во Тампере во 2014 година и во Нови Сад во 2018-та се закити со златен медал, а со бронза на ЕП 2016 во Монпелје и во Гвадалахара во 2019 година. Носител е на бронзен медал од првите Европски игри во Баку во 2015 година. Во финалето в сабота, Павлов на татамите ќе има мошне силен ривал. Да Коста е носител на повеќе медали, исто како и Павлов. Французинот е олимписки победник од ЛОИ 2020, светски првак бил во Мадрид во 2018, а има бронзен медал од Линц во 2016 година, на ЕП 2016 во Монпелје и во Гвадалахара во 2019 година се закитил со злато, а со бронза во Пореч годинава. На Европските игри во Баку 2015 освоил сребро, а на Светските игри во Вроцлав во 2017 година златен медал…

Од другите македонски преставници што настапија досега, Петар Заборски (до 75 кг) оствари три победи, а за пласман четврт-финалето загуби (3-4) од Белгиецот Квентин Маходен. Берат Јакупи (до 84 кг) загуби од Анур Бугрин од Белгија (0-1), Жарко Арсовски (над 84 кг) од Роб Тимерманс (Куракао) откако противникот прв освои поен (1-1), Ангела Мојсовска (до 68 кг) од Црногорката Марина Раковиќ (4-5), Симона Симовска прво ја совлада Софи Абилд од Данска (4-1), потоа загуби од Американката Сирус Лингл (0-2), Јована Георгиева (до 55 кг) ја победи Алжирката Видад Драу (3-0), но загуби од Узбекистанката Севинч Рахимова (1-11). Утре настапуваат каташите, Александар Неделковски и Пулeксенија Јованоска. На СП се натпреваруваат во борби и во кати 1.054 каратисти од 117 држави.