Во Германија е пуштен во сообраќај првиот воз во светот на погон на водород, со што оваа скапа, но еколошко поприфатлива технологија им се спротивставува на дизел возовите кои го загадуваат воздухот.
Два сини воза што ги произведе француската компанија Алстом тргнаа по 100 километри долгата траса меѓу градовите Цукскавен, Бремерхавен, Бремерверде и Брукстехуде во северна Германија.
– Првиот светски воз на водород влегува во комерцијална употреба и е подготвен за производство – изјави Анри Попарт-Лафарж, извршен директор на Алстом на свеченоста во Бремерверде, станица на која возот ќе се полни со водород.
Од Алстом велат дека планираат да испорачаат уште 14 возови на Долна Саска до 2021 година, но и на другите германски држави кои ќе покажат интерес.
Возовите на водород се опремени со ќелии кои во комбинација со водород и кислород произведуваат струја со водена пареа како единствен нус продукт.
Вишокот енергија се складира во литиум-јонските батерии во возот.
Возот може да вози околу илјада километри со еден резервоар водород, што е слично и како дизел возовите.
Алстом инвестира во технологија која е позелена и потивка алтернатива на дизелот на неелектрифицираните пруги, што е привлечно за повеќе германски градови кои се борат со загадувањето на воздухот.
И други земји се интерсираат за купување на возови на водород, како Британија, Холандија, Данска, Норвешка, Италија и Канада.
Француската влада веќе се изјасни дека до 2022 година сака да има воз на погон на водород на домашните пруги.