Ѓоковиќ на 8 март годинава стана рекордер според бројот на недели како број 1 на АТП-листата, со трофејот на Ролан Гарос стана првиот тенисер во т.н. опен ера со барем по два триумфа на секој од четирите гранслем-турнири, со шестата титула на Вимблдон се израмни со по 20 гранслем-трофеи со Федерер и со Надал, а во саботата обезбеди рекорден седми пат една година да ја заврши како број 1 на АТП-листата (досега беше израмнет со Сампрас)

ТЕНИС

Новак Ѓоковиќ повторно испиша тениска историја, откако во саботата рекорден седми пат го обезбеди првото место на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на крајот на една календарска година, пишува АТП на својата интернет-страница. Тој досега во оваа категорија беше израмнет со Пит Сампрас од САД.
Со победата над Хуберт Хуркач од Полска со 2-1 во сетови во саботното полуфинале на мастерс-турнирот од серијата 1.000, во Париз (Франција), српскиот тенисер сега е осамен лидер на оваа листа, разделувајќи се од Сампрас, кој заврши шест последователни години како број 1 во светскиот тенис, од 1993 до 1998 година.
– Едноставно сум горд и исклучително среќен. Очигледно тоа беше една од најголемите цели и секогаш е една од најголемите цели, да се обидам да бидам број 1 и да ја завршам годината како број 1. Да го направам тоа по рекорден седми пат и да го надминам мојот идол од детството и пример, Пит, е неверојатно. Многу сум благодарен, многу благословен што сум на оваа позиција – рече Ѓоковиќ, пренесе АТП.
Ѓоковиќ седум пати во изминатите 11 години е на врвот на АТП-листата на крајот на една календарска година, и тоа прво во 2011 година, а потоа и во 2012, 2014, 2015, 2018, 2020 и во 2021 година. Ѓоковиќ (34) го зголеми и својот рекорд како највозрасен тенисер што завршил како број 1 на крајот на една година.
Во 2021 година тој победи на три гранслем-турнири (на Австралија опен во Мелбурн, Ролан Гарос во Париз и на Вимблдон во Лондон) и играше во финалето на четвртиот (на САД опен во Њујорк), на 8 март годинава го надмина рекордот на Швајцарецот Роже Федерер од 310 недели како број 1 на АТП-листата (во моментов Ѓоковиќ 345 недели е на врвот на таа листа), со трофејот на Ролан Гарос во јуни стана првиот тенисер во т.н. опен ера со барем по два триумфа на секој од четирите гранслем-турнири, со шестата титула на Вимблдон во јули се израмни со по 20 гранслем-титули со Федерер и со Шпанецот Рафаел Надал…


АНДРЕА ГАУДЕНЦИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АТП
„Продолжува да ја редефинира извонредноста во нашиот спорт“

Завршувањето на сезоната како број 1 е монументално достигнување. Да се направи тоа седум пати, во оваа неверојатна ера на машкиот професионален тенис, е тешко да се опише. Новак Ѓоковиќ заслужува огромно признание што продолжува да ја редефинира извонредноста во нашиот спорт, од година на година. Нему и на неговиот тим им честитаме на ова извонредно ново достигнување, рече Андреа Гауденци, претседател на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).


БРОЈ 1 НА АТП-ЛИСТАТА НА КРАЈОТ НА ГОДИНАТА

Новак Ѓоковиќ (Србија) 7
Пит Сампрас (САД) 6
Џими Конорс (САД) 5
Рафаел Надал (Шпанија) 5
Роже Федерер (Швајцарија) 5
Џон Мекинро (САД) 4
Иван Лендл (Чешка) 4
Бјорн Борг (Шведска) 2
Стефан Едберг (Шведска) 2
Лејтон Хјуит (Австралија) 2
Илие Настасе (Романија) 1
Матс Виландер (Шведска) 1
Џим Куриер (САД) 1
Андре Агаси (САД) 1
Густаво Куертен (Бразил) 1
Енди Родик (САД) 1
Енди Мареј (В. Британија) 1