Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат рочишта за предметите „Насилство во општина Центар“ и раздвоената постапка за „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
На претходните рочишта на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во раздвоената постапка за случајот „Тенк“ на СЈО, беа изнесувани материјални докази и сослушани сведоци, кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.
Во предметот „Насилство во Центар“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште осум други лица.
На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Во Кривичниот суд Скопје денеска е закажано судење и за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, која во 2015 година почина чекајќи операција на рбетот во странство.
Со обвинение за „несовесно работење во службата“ Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против поранешната директорка на Детската клиника Аспазија Софијанова како член на второстепената комисија и поранешните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ), Маја Парнарџиева – Змејкова и Џемали Мехази.
Кривични пријави се поднесени и против членовите на првостепената лекарска комисија, односно Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како и против членовите на второстепената комисија, Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов и Елена Трпковска.