Рускиот претседател Владимир Путин сакал Русија да влезе во НАТО, но не сакал земјата да мине низ вообичаениот процес на аплицирање и да чека во ред со многу други земји кои немаат такво значење, изјави денеска поранешниот генерален секретар на Алијансата, Џорџ Робертсон.
Шефот на НАТО, кој беше на таа позиција од 1999 до 2004 година, истакна дека на првиот состанок Путин јасно му кажал дека сака Русија да биде дел од Западна Европа.
– Тие сакаа да бидат дел од тој сигурен, стабилен, просперитетен Запад на кој Русија не му припаѓаше во тоа време – вели Робертсон.
Тој јасно се сеќава на средбата што ја имал со Путин, кој е претседател на Русија од 2000 година.
„Путин праша „кога ќе нè поканите во НАТО“, а јас одговорив „па, ние не ги каниме луѓето да влезат во НАТО, тие аплицираат за членство“. Путин потоа рече „па, ние не стоиме во линија со многу земји кои немаат такво значење“, објаснува Робертсон.
Британскиот весник „Гардијан“ потсетува дека Путин пред нешто повеќе од 21 година изјавил дека има амбиции неговата земја да биде во НАТО и дека не ја исклучува таа опција.
– Ако, и кога, ставовите на Русија се земат предвид како ставови на рамноправен партнер – рече тогаш Путин.
Тој во тој период изјавил дека му е тешко да го замисли НАТО како непријател.
– Русија е дел од европската култура. И не можам да си ја замислам сопствената земја во изолација од Европа и она што често го нарекуваме цивилизиран свет – рекол тогаш Путин, а пренесува „Гардијан“.