Македонскиот устав е многу прецизен по тоа прашање и, според толкувањето во членот 93, нема дилема дека кога премиерот ќе даде оставка, тогаш во оставка е целата влада. За да биде процедурата легална и по форма и по содржина, официјално ќе се смета дека премиерот поднел оставка кога тој за својата одлука писмено ќе го информира претседателот на Собранието. Кои се можните сценарија за развој на настаните?
Оставката на Заев отвори многу дилеми
По оставката на премиерот Зоран Заев, во јавноста се наметнаа многу правни дилеми околу тоа дали оставката на премиерот значи истовремено и оставка на целата влада или, пак, Владата може да опстане само со промена на нејзиниот прв човек.
Македонскиот устав е многу прецизен по тоа прашање и според толкувањето во членот 93, нема дилема дека кога премиерот ќе даде оставка, тогаш во оставка е целата влада. За да може и официјално да се смета дека премиерот поднел оставка, тој за својата одлука треба писмено да го информира претседателот на Собранието. Додека тоа не се случи, формално-правно, премиерот и актуелната влада можат да продолжат со работа.
– Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата… Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада – се наведува меѓу другото во членот 93 од Уставот.
Членот 220 од Деловникот на Собранието вели дека законодавниот дом на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.
Понатаму процедурата е слична како и при изборот на нов состав на Собранието. Имено, шефот на државата е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да му го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Потоа, мандаторот има рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.
Уставните експерти согласни – со премиерот, во оставка е и Владата
Универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ потврдува дека оставката на премиерот повлекува оставка на целата влада.
– Штом премиерот поднесува оставка, тогаш целата влада е во оставка. Премиерот писмено го известува Собранието, кое треба само да му ја констатира оставката. Тој може и да се обрати во Собранието, да образложи зошто ја поднесува оставката и да каже зошто треба да се формира нова влада – вели Шкариќ.
Според професорот по уставно право, потоа следува истата процедура како при избор на нова влада.
– Тогаш мандатот го дава претседателот на Републиката или на партијата што има сега најголем број на пратеници во Собранието, или на коалиција на партии што можат да формираат парламентарно мнозинство и така тоа ќе оди по ред, брзо или во недоглед, сè зависи од односот на силите – појаснува професорот Шкариќ.
Професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Тања Каракамишева, исто така нема дилема дека со оставката на премиерот во оставка е целата влада.
– Членот 93 од Уставот на Македонија: Оставка на претседателот на Владата повлекува оставка на цела влада – појаснува Каракамишева.
Таа исто така се повикува и на членот 219 од Деловникот на Собранието, според кој, оставката мора да биде доставена во писмена форма до претседателот на Собранието.
– Јавноста да знае дека оставката на Заев мора да биде поднесена денеска (се мисли на 1.11.2021) во писмена форма до претседателот на Собранието – порачува професорката Каракамишева.
Можни сценарија во идниот период
Премиерот Зоран Заев поднесе оставка од премиерската функција по поразот на локалните избори, со што земјава влегува во период на политички турбуленции, кои ќе треба, (но и би морало), да се смират во релативно краток период доколку земјава сака да влезе подготвена пред очекуваниот нов пандемиски бран, да се изгласа буџетот пред крајот на годината, но и за да може подобро да се справи со предизвиците од енергетската криза, која тропа на вратата. А треба и да се биде подготвен да се парира на бугарската дипломатска офанзива, која ја подготвуваат по нивните ноемвриски избори…
Премиерот при соопштувањето на одлуката за негово повлекување истакна дека СДСМ ќе продолжи да ја предводи Владата и дека собраниското мнозинство ќе се окрупнува. Но очигледно, првата политичка констатација (од двете горенаведени), е надвор од рамките на уставноправно пропишаните процедури, а повеќе во рамките на политичко-партиски памфлет. Сепак, токму тоа навестува една жешка политичка есен, во која во игра се неколку можни сценарија.
Првото сценарио предвидува претседателот на државата повторно да му го довери мандатот за состав на нова влада на актуелното владејачко мнозинство, со што тоа би понудило нов човек за премиер и Владата би продолжила да функционира до истекот на нејзиниот мандат.
Второ можно сценарио е формирање ново собраниско мнозинство, за кое во повеќе наврати спомнуваа партиите од опозицискиот блок и кое би го добило мандатот за состав на нова влада, која исто така би имала мандат да управува со земјава во следниве две и пол години.
Можно сценарио би било и формирање експертска влада што би ја поддржале сите партии во Собранието и која би ја водела државата до следните редовни избори, како и широка коалициска влада во која би влегле и партиите од опозицијата.
Последно сценарио би било да има предвремени парламентарни избори со техничка влада 100 дена пред избори, по што партијата што ќе освои најголем број мандати ќе формира влада што ќе управува со земјата во следните четири години.
Аналитичарите со поделени мислења
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека е потребно да се формира широка влада што ќе работи во интерес на граѓаните.
– Мислам дека претседателот треба да ги повика лидерите на партиите за формирање голема влада, за доброто на реформските процеси. Треба да има влада со полн капацитет, партиите конечно да се свестат и да работат за интересите на граѓаните. На следните парламентарни избори прашање е дали и 40 отсто од гласачите ќе излезат. Без разлика што неизлегувањето е 50 отсто, тоа е големо предупредување. Граѓаните знаат да казнуваат – порачува Давитковски.
Политичкиот аналитичар Александар Кржаловски е на иста линија со професорот Давитковски околу широката коалиција.
– Зошто се нарекуваат непријатели кога може да размислат за коалиција. Кога Меркел можеше три-четири мандати да коалицира со германските социјалдемократи, зошто да не се направи широка коалиција од неколку големи партии, особено во очекување на голема криза што ни претстои – посочи Кржалоски.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска посочува на неколку решенија по оставката на Заев, додавајќи дека оставката на премиерот е оставка на целата влада.
Едно од нив е претседателот Пендаровски повторно да ѝ додели мандат на досегашната владејачка коалиција, доделување мандат на нова мнозинска коалиција, поведување постапка за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори, како и формирање експертска влада.
За професорот по уставно право Осман Кадриу најбезболно решение е во овој момент да не се распишуваат нови избори.
– Најбезбедна варијанта е да се формира ново парламентарно мнозинство, да се оди со нова влада, но во рамките на овој парламентарен состав, односно да не се распишуваат нови избори. На овој начин, целата постапка за избор на влада би одела отпочеток како вчера да се одржале парламентарни избори – е ставот на Кадриу.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е со сосема спротивно мислење, односно смета дека најдобро решение е да се оди на предвремени парламентарни избори во март следната година.
– Во време кога нè очекува енергетска, политичка, здравствена криза, ако не се преземат брзи чекори само ќе тонеме. Наједноставно решението е закажување предвремени избори во март. Сите други сценарија со нови мнозинства, со нови мандатари и слично ќе претставуваат само губење време, бидејќи сето тоа треба претходно да се испегла и испреговара меѓу партиите. Затоа само со нови избори ќе се дојде до влада со полн легитимитет што ќе си тера четири години мандат – појаснува Пекевски.
Тој изрази скепса дека премиерот вистински ќе ја реализира оставката, туку дека ќе го искористи следниот период да се смири притисокот од јавноста и потоа под изговор дека коалициските партнери и членството го бараат тоа, ќе продолжи да ја врши премиерската функција.