Во ВАР-собата сѐ е поразлично од она што го замислував и како изгледа кога сме пред телевизор, кога се гледа натпревар, вели Ивана Пројковска

ИВАНА ПРОЈКОВСКА, ФУДБАЛСКА СУДИЈКА

Македонската фудбалска судијка со знакот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Ивана Пројковска, ја делеше правдата на мечот помеѓу Грција и Словенија (1-4) во Лариса, во групата И, во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023, во Австралија и во Нов Зеланд. На Пројковска на тој меч ѝ помагаа Вјолца Изери, Весна Спирковска и Ангела Рајчевска.
– Се надевам дека и на ноемвриските квалификациски натпревари повторно ќе судам на некој таков натпревар или, пак, во Лигата на шампионите, ќе видиме – вели Пројковска.
Минатата недела Пројковска беше на семинар во Турција што го организира Европската фудбалска унија (УЕФА), на кој присуствуваа 14 судии, (осум мажи и шест жени) на кој се запознаа со протоколите за користење и функционирање на системот видеопомошник-судија (ВАР).

– Одлично искуство, прво од ваков вид за мене, како и за другите судии, главно од земји каде што не се употребува оваа технологија. Имавме практични вежби на терен, при досудување пенали, прекршоци, зошто сме покажале или не жолт картон, различни ситуации што се прегледуваа во ВАР-собата и потоа ни се укажуваше на грешките и на што треба да се внимава. Бев и во ВАР-собата и морам да кажам дека сѐ е поразлично од она што го замислував и како изгледа кога сме пред телевизор, кога се гледа натпревар. Многу е потешко и покомплицирано, мора брзо да се дејствува, да се види ситуацијата од повеќе агли и да се донесе правилна одлука – вели Пројковска, која од 22 до 25 ноември ја очекуваат и вториот дел од семинарот во Турција и добивањето сертификат.
Пројковска во јули 2019 година го судеше финалето на Европското првенство за фудбалерки до 19 години, помеѓу Франција и Германија (2-1), а потоа судеше и неколку меча во Лигата на шампионите и во квалификациите за европските првенства.