Вардарци ќе имаат тешка задача против одбраната на Монпелје, која одлично ги применува формациите 6-0 и 5-1. Брзите контри само го дополнуваат нападот, а брзата трансформација се смета за нивно најсилно оружје
Европскиот ракометен првак од 2017 година, Вардар, ќе биде на тежок испит вечерва (17.30 ч.) во Монпелје против истоимениот актуелен шампион на Европа, во 1-то коло на новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ). Тоа ќе биде дуел на полуфиналистите од фајналфорот во мај во ЛШ во Келн. Црвено-црните се со видливо изменет состав од лани и со нов тренер, Шпанецот Роберто Парондо, за разлика од Монпелје (само една измена), кој е и прв фаворит на ранг-листата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во пресрет на ЛШ.
– Се подготвувавме интензивно изминатиов период за овој меч, но и за она што нѐ очекува годинава во ЛШ. Знаеме дека нѐ чека тешко гостување, посебно што Монпелје сега е актуелен шампион на Европа. Французите на свој терен се фаворити, но сигурно не мислиме да се предадеме, туку ќе се бориме до крајот на натпреварот и ќе настојуваме да го изненадиме противникот – вели Игор Карачиќ, централниот бек на вардарци.
Во денешниот Монпелје (14-кратен првак на Франција и 13-кратен победник во францускиот Куп), кој со титулата европски првак се закитил и во 2003 година, играат осум интернационалци (по еден Словенец, Египќанец, Швеѓанец, Швајцарец, Аргентинец, Тунижанец, Литванец и Грузиец), а повторно амбициите се за европската круна.
Вардарци ќе имаат тешка задача против одбраната на Монпелје, која одлично ги применува формациите 6-0 и 5-1, а тимот знае и успешно да ја пробие противничката зона 5-1. Брзите контри само го дополнуваат нападот, а брзата трансформација се смета за нивно најсилно оружје.
Од играчкиот кадар, каде што ново име е само десниот грузиски бек Гиорги Сковербадѕе (17), посебно отскокнуваат словенечкото десно крило Вид Кавтичник (лани 58 гола во ЛШ), литванскиот лев бек Јонас Трушановичиус (58), централниот бек Мишел Гигу (57), десното крило Валентин Порт, десниот бек Мелвин Ричардсон (64), како и одличниот голман Винсент Жерар.
Од играчите што сега се во тимовите, а играа во полуфиналниот меч на фајналфорот годинава (28-27), кај Вардар поентираа Борозан (шест гола), Чупиќ (пет), Мораеш (два), Дибиров, Кристопанс и Стоилов (по еден), а кај Монпелје Порт (осум), Гигу (седум), Ричардсон (шест), Трушановичиус (три) и Симоне (еден).
Освен мечот во Келн, црвено-црните можат да се пофалат со позитивен скор со Монпелје (три победи и едно реми). Првиот дуел беше во 2014 година, кога во драматична завршница вардарци освоија еден бод (34-34), блескаше голманот Арпад Штербик, а Тимур Дибиров постигна девет гола. На реваншот во Скопје Вардар славеше со 30-26, а Дибиров повторно беше најефикасен, со 12 гола. Во сезоната 2015/2016 нов дуел во групната фаза во ЛШ. На првиот натпревар во Монпелје, Вардар славеше со 25-30, кога Дибиров и Хорхе Македа реализираа по шест гола, а во Скопје вардарци беа убедливи со 34-26, кога се истакнаа Алекс Душебаев и Дејан Манасков (по седум погодоци).