Во трка за титулите во домашните првенства се Левен на Талески во Германија, Барселона на Ристовски во Шпанија, Веспрем на Манасков во Унгарија и Нант на Лазаров во Франција. Тие играчи и лани беа шампиони, но со два клуба
Сезонава првпат четворица македонски ракометари имаат шанси да се закитат со шампионска титула во четирите најсилни ракометни лиги во Европа – германската Бундес-лига, шпанската АСОБАЛ, француската и унгарската лига. На шест недели до крајот на домашните првенства, најсигурно кон титула гази репрезентативниот голман Борко Ристовски, кој како дел од шпанскиот гигант Барселона доминира пред другите шпански клубови. Ристовски во своите витрини има седум шампионски титули, од кои две со Вардар, три со Металург и по една со Левен и со Барселона. На листата „потенцијални шампиони“ е и левото крило Дејан Манасков, кој сезонава е дел од унгарскиот првак Веспрем, тим што изминативе 10 сезони цврсто стои на врвот во унгарското првенство.
Доколку стигне до титула, за Манасков тоа ќе биде трофеј број седум, по четирите титули со Металург и по една со Вардар и со Левен. Младиот репрезентативен бек Филип Талески и неговиот клуб Левен ја имаат улогата бранител на титулата во германската Бундес-лига. Левен моментно ја има првата позиција на табелата, пред Фленсбург, Фуксе Берлин и пред Хановер. Најтрофејниот македонски ракометар, капитенот Кирил Лазаров (18 титули), пак, со својот клуб Нант во моментов ја има третата позиција на табелата во првенството на Франција, со пет бода заостаток зад лидерот Монпелје.
Сите четворица македонски репрезентативци и во минатата сезона беа домашни прваци со своите клубови во странство. Во овие четири силни првенства во минатото главно по еден „македонски“ клуб бил домашен шампион, а два такви клуба беа, на пример, во минатата сезона, 2016/2017, кога титулите ги освоија Барселона (Лазаров и Ристовски) и Левен (Талески и Манасков), една сезона пред тоа Барселона (Лазаров) и Левен (Ристовски)… Од другите странски првенства, сезонава во водство се, на пример, Бешикташ (играат Немања Прибак и Филип Лазаров) во Турција и Алпла Хард (Ристо Арнаудовски) во Австрија.