По неколкумесечна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал денеска поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, сопственикот на фирмата која ги продавала спорните софтвери и била ангажирана во Владата, односно вкупно против седум лица.
Како што информираат од Обвинителството, првообвинетиот се товари дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, второ и трето обвинетите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба, додека останатите лица се обвинети дека помагајќи исто така ги злоупотребиле своите овластувања.
– Во периодот од јуни 2017 година до февруари годинава, во Генералниот секретаријат на Владата, првообвинетиот, како службено лице, со умисла помогнат од второ и трето обвинетите, надворешни соработници, извршиле повеќе временски поврзани нелегални дејствија. Првообвинетиот не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот за биометриска идентификација и системот за автоматско препознавање на регистарски таблички. Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор. Првообвинетиот, јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност при користење на јавните средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137 денари – се наведува во соопштението.
Воедно, првообвинетиот, како службено лице го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.
Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите согласно договорот што го имале со генералниот секретар на Владата за поделба на паричните средства, подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на државниот буџет во вкупен износ од 1.320.000 денари.
Во временскиот период од 5 јуни 2017 година до 5 мај годинава, во Скопје, Рашковски, пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на средствата во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.
Ценејќи дека околностите врз основа на кои на првообвинетиот и четвртообвинетиот им е определен куќен притвор се непроменети, предметниот обвинител доставил и посебен предлог за продолжување на куќниот притвор.
Исто така, со обвинителен акт е предложено да биде определена привремена мерка за обезбедување на имотно-правно барање на износ од 5.050.000 денари, за сторената штета во вкупен износ од 18.794.137 денари што настанала поради извршување на кривичното дело.