Од 54-те репрезентации две победи по два одиграни меча имаат Шпанија, Украина, БиХ, Финска, Бугарија, Македонија, Луксембург и Грузија. Македонската селекција во лигата Д е меѓу најсигурните, бидејќи има најголем процент на успешни додавања, втор најголем посед на топката и највисок процент на голови во однос на селекциите со барем 10 директни шута
Македонија, Луксембург и Грузија со максимален ефект, како и Косово, се четирите репрезентации што по првите две кола на Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА) се издвоија на врвот на четирите групи од лигата Д. Есенва на програмата се уште четири кола.
Победниците на групите ќе се пласираат во лигата Ц и ќе играат на фајналфорот во март 2020 година, од каде што победникот ќе се пласира на Европското првенство во 2020 година. Истото важи за другите три лиги, А, Б и Ц, од каде што, пак, има и испаѓање во понизок ранг за четирите најслаби селекции.
Во другите три лиги водечки по првите мечеви во лигата А се Франција, Шпанија, Швајцарија и Португалија, а на дното, од каде што патот води во испаѓање во лигата Б, во моментов се Холандија, Исланд, Италија и Хрватска.
Во лигата Б на првите места се Украина, БиХ, Русија и Данска, а на дното се Словачка, Шведска, Австрија и Република Ирска. Во лигата Ц водат Шкотска, Финска, Бугарија и Црна Гора, а последнопласирани се Израел, Естонија, Словенија и Литванија.
Од сите 54 репрезентации две победи по два меча имаат Шпанија (лига А), Украина, БиХ (лига Б), Финска, Бугарија (лига Ц), Македонија, Луксембург и Грузија (лига Д).
Според статистичките податоци достапни на интернет-страницата на УЕФА, Македонија во лигата Д е и меѓу најсигурните, бидејќи заедно со Белорусија има најголем процент на успешни додавања, 84 отсто, а со истата селекција речиси идентичен посед на топката (61-60). Сепак, Македонија има шест, а Белорусија четири бода по првите две кола.
Според податоците на УЕФА, Луксембург на двата меча упатил неверојатни 38 шута, од кои 19 во рамките на голот, а седум завршиле во мрежата. Белорусија, пак, имала 42 шута, од тоа 14 прецизни, а од нив пет биле погодок. Македонија води според ефикасноста меѓу селекциите со двоцифрен број удари во рамките на голот, оти од десетте директни шута постигна четири гола (40 отсто), Луксембург од 19-те седум (36 проценти), Белорусија од 14-те прецизни шута пет гола (36 отсто) итн.
Во следното коло Македонија го пречекува Лихтенштајн на 13 октомври, а три дена подоцна треба да гостува кај Ерменија.