Партијата за правда, интеграција и единство (ПДИУ) на Шпетим Идризи, која е попозната како „партија на Чамите“, ја напушти владејачката коалиција на социјалистите на албанскиот премиер Еди Рама и почна разговори со опозициската Демократска партија за заеднички настап на локалните избори.
Како што јави дописникот на МИА, таква одлука донесе Националниот совет на партијата по барање на лидерот Идризи, поради, како што изјави, „предавството на Владата на премиерот Рама околу прашањето за Чамите“, Албанци протерани од Грција во 1945 година.
– Додека албанската страна молчи и без никаква транспарентност води разговори со грчката, сė што дознаваме е од грчките претставници. Последно лично (грчкиот) премиер Алексис Ципрас изјави дека се разговара за повеќе прашање, но не и за прашањето за Чамите, бидејќи тоа не постоело. Ципрас се однесува арогантно негирајќи го постоењето на Чамите, а министерот (за надворешни работи на Албанија, Дитмар) Бушати игра оро со неговиот грчки колега. Во услови кога прашањето за Албанците-Чами со благослов на албанската Влада е избришано, ние ја напуштаме коалицијата – изјави Идризи.
Тој смета дека поради отстапките околу ова прашање, но и сė она што Владата „го прави во спротивност со волјата на народот“, Албанија треба да има силен опозициски фронт чиј дел ќе биде и неговата партија.
Идризи ја презеде одговорноста врз себе поради нереализирањето на барањето за прашањето за Чамите на разоворите Тирана-Атина.
– Моја огромна грешка е што му поверував на Еди Рама околу решавањето на ова прашање – рече Идризи.
Но, кон иницијативата на партискиот лидер не се приклучија тројцата пратеници на ПДИУ, Реме Лала, Елена Џика и Дритан Бици. Тие не присуствуваа на седницата на Националниот совет, а од поодамна практично настапуваат како незвисни пратеници.
Како што јави тиранската телевизија „Ора њуз“, во неделата грчкиот премиер Ципрас изјави дека разговорите кои ги водат министрите за надворешни работи на двете змеји се на добро ниво, но оцени дека тоа се тешки прашања.
– Станува збор за морската граница, измени во текстовите во учебниците, гробиштата на грчките војници во Албанија и секако едно многу важно прашање, а тоа се реформите, кои директно се поврзани со правата на грчкото малцинство. Некој и тука кај нас се обидува да го вметне прашањето за Чамите. Такво прашање не постои – изјави Ципрас.
На изјавата на Ципрас до сега реагираше единствено „партијата на Чамите“.