Сознанијата за тајното богатство на милијардерите и на светските лидери објавени вчера врз основа на 11,9 милиони финансиски документи, беа дочекани со негирање и обвинувања за странско влијание, како и со најавата за отворање на барем една официјална истрага, пишува „Вашингтон пост“.
Пакистанскиот премиер Имран Кан чија изборна кампања беше заснована врз борбата против корупцијата, вети дека ќе бидат истражени сите пакистански државјани именувани во т.н. „пандора документи“, a чешкиот премиер Андреј Бабиш ги обвини странските сили за мешање во изборите во неговата држава.
Правна фирма која го застапува јорданскиот крал Абдула Втори, кој беше споменат во „пандорините документи“, призна дека нејзиниот клиент има странски имоти во негово сопствеништво, во обид за одбрана на монархот.
– Секое тврдење дека има нечесност во врска со сопствеништвото на имоти на кралот преку офшор компании категорично се негира – се вели во соопштението, во кое се додава дека кралот Абдула Втори никогаш не злоупотребил јавни средства.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш кој бара нов мандат на претстојните избори, вчера сугерираше дека тврдењата во „пандорините документи“ се дел од напорите за мешање во чешките избори. Тој категорично тврди дека не сторил ништо нелегално или погрешно, отакко во документите беше наведено дека во 2009 година купил дворец во вредност од 22 милиона долари во близина на Кан, Франција.
Бројните документи беа објавени од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ). Во истрагата беа вклучени повеќе од 600 новинари во 117 држави. Во слична истрага од 2016 година, но со помал обем, беа објавени „Панама пејперс“ кои исто така разоткрија скандал со даночните затајувачи и со даночните оази. Тогашната објава резултираше со протести во повеќе држави и со симнување од власта на двајца светски лидери.