По триумфот на Европското првенство летово, „азурите“ како домаќини на турнирот, во конкуренција на актуелниот светски првак Франција, Шпанија и на Белгија, ќе се обидат да стигнат до уште еден трофеј. Италија и Шпанија меѓу себе играа во полуфиналето на ЕП 2020, а Белгија и Франција во полуфиналето на СП 2018

ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ФАЈНАЛФОР-ТУРНИР НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

Од среда до недела ќе се одржи финалниот турнир на второто издание на фудбалската Лига на нациите (ЛН), на кое ќе настапат домаќинот на турнирот Италија, која по освоената титула на Европското првенство (ЕП) ќе се обиде да триумфира и во ова натпреварување, актуелниот светски првак Франција, Шпанија и Белгија. Натпреварите на фајналфор-турнирот ќе се играат во Милано и во Торино, на стадионите каде што играат Милан и Интер, односно на стадионот на Јувентус.
Турнирот ќе почне в среда во Милано, со мечот Италија – Шпанија, (20.45 часот), а в четврток во Торино ќе се сретнат Белгија и Франција, (20.45 ч.). Финалето и мечот за трето место се в недела во Милано (20.45 ч) и во Торино (15 ч.), објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Шпанија ќе се обиде да ѝ се реваншира на Италија за поразот во полуфиналето на ЕП годинава на стадионот „Вембли“, а за Белгија ова е шанса да ѝ возврати на Франција за елиминацијата во полуфиналето на Светското првенство (СП) во 2018 година во Русија.
„Азурите“ последен пат победија на турнир на домашен терен кога го освоија ЕП 1968 во Рим. Италија првпат е домаќин на еден голем турнир по СП 1990. Избраниците на селекторот Роберто Манчини се во одлична форма и се во серија од рекордни 37 натпревари без пораз. Финалето ќе се игра три години од денот кога почна нивната серија без пораз.
Франција на Дидие Дешам е репрезентацијата што се квалификува во завршницата со најмногу освоени бодови, забележувајќи пет победи и едно реми, во групата со Португалија, Хрватска и со Шведска. Белгија, под водство на Роберто Мартинез и со Кевин де Брујне и со Ромелу Лукаку, победи на пет од шесте натпревари во дуелите со Данска, Англија и со Исланд, притоа постигнувајќи 16 гола. Шпанија предводена од Луис Енрике беше втората најефикасна репрезентација во групната фаза со 13 гола, од кои шест на Германија. Каков и да биде крајниот исход, ќе има нов шампион во Лигата на нациите, по Португалија, која ја победи Холандија (1-0) во првото финале, во Порто во 2019 година.


РАСПОРЕД

Италија – Шпанија среда, Милано (20.45 ч.)
Белгија – Франција четврток, Торино (20.45 ч.)
меч за трето место недела, Торино (15 ч.)
финале недела, Милано (20.45 ч.)