Според пресметките на некои специјализирани интернет-страници за следење на ВТА-листата во живо, Ѓорческа од денеска треба да биде околу 275-то место во поединечна конкуренција

ТЕНИС – ПО ПОЛУФИНАЛЕТО ВО ВИЗБАДЕН

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во финалето на турнирот во Визбаден, Германија, што се играше земјена подлога, за вкупен награден фонд од 80.000 долари. Таа во полуфиналето загуби од првата носителка на турнирот, Французинката Клара Барел, во возбудлив меч во три сета, со 6-4, 4-6 и 4-6.
Претходно, во четврт-финалето, Ѓорческа ја елиминира осмата носителка, Италијанката Федерика Ди Сара, која го предаде натпреварот во вториот сет, при резултат 6-1, 2-0 за Ѓорческа, во втората рунда ја победи четвртата носителка, Русинката Марина Мелникова (6-3, 7-5), а во првата уште една Италијанка, Бјанка Турати (7-6, 5-7, 7-5).
Ѓорчевска (27) моментно е 213-та на ранг листата на ВТА во двојки (најдобар пласман ѝ е на 116-то место во јуни 2017 година). Во поединечна конкуренција, пак, е на 327-то место, а највисоко рангирана беше во септември 2017 година, на 170-то место.
Според пресметките на некои специјализирани интернет-страници за следење на ВТА-листата во живо, Ѓорческа со освоените педесетина бода од турнирот во Визбаден од денеска треба да биде околу 275-то место во поединечна конкуренција, што би било скок за педесетина места во однос на минатото рангирање.
Таа во минатите десетина години триумфира на 44 турнири во двојки и на 11 во поединечна конкуренција.