Земјите од Балканот се „инфицирани“ со грозоморни групи на социјалните мрежи што споделуваат експлицитна содржина со детска порнографија. Последниот пример во Србија со групата именувана „Балканска соба“, на мрежата Телеграм, ја растревожи регионалната јавност
Нови монструозни групи со експлицитни содржини се шират на социјалните мрежи
Додека македонската јавност сѐ уште е растревожена од неодамнешните последици што ги предизвика грозоморната група „Јавна соба“, откриена на апликацијата Телеграм, во која беа споделувани експлицитни содржини и детска порнографија, Балканот повторно е „инфициран“ од слична група со иста содржина, но овој пат во Србија.
Имено, како што пишуваат српските медиуми деновиве, тамошните власти откриле нова група со експлицитни содржини и детски порнографски материјали на апликацијата Телеграм, именувана „Балканска соба“. Што предизвика огромна вознемиреност и згрозување во јавноста. Според првичните сознанија, групата во моментов има над 2.000 члена, а едно од споделените видеа со експлицитна содржина е и со малолетно дете, на возраст од пет до шест години, како се самозадоволува, пренесуваат медиумите. Наводно, групата повеќе не може да се најде на Телеграм, иако снимките сѐ уште кружат во регионот по другите социјални мрежи.
Бранко Стаменковиќ од Обвинителството за високотехнолошки криминал изјави дека многу е важна соработката меѓу граѓаните и институциите што се занимаваат со ова прашање.
– Секоја информација, слична на оваа, ја сфаќаме многу сериозно и веднаш реагираме. Најважно е оштетениот или оние што имаат сознанија за кривично дело, веднаш, без одложување, да контактираат или со локалната полициска станица или со Обвинителството за високотехнолошки криминал. Неопходно е да го фотографираат спорниот разговор и, ако е можно, да не го избришат, за да обезбедиме електронски докази – наведува Стаменковиќ.
Како што јавуваат српските медиуми, во земјата до неодамна функционирала и друга група именувана „Ју балканска соба“, која имала над 36.000 члена од регионот, во која, меѓу другото, мажи споделувале експлицитни приватни снимки и фотографии од своите поранешни девојки. Многу од содржините биле оквалификувани како „одмаздничка порнографија“.
По тој повод во март годинава, српските истражни органи уапсија 25-годишно лице од Ниш, кое беше администратор на групата „Нишлијки“, под основано сомнение дека сторило кривично дело прикажување, собирање и поседување порнографски материјал и искористување малолетно лице за порнографија.
За потсетување, освен тоа што во Србија во моментов се водат кривични постапки против создавачите на ваквите мрежи, кои злоупотребуваат и шират фотографии и видеа со порнографска и педофилска содржина, во Македонија исто така за слична работа беше поведена постапка против администраторите на групата „Јавна соба“.
Скопското обвинителство некаде на почетокот од годинава поднесе обвинение против две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товареа за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
Според информациите на обвинителството објавени во домашните медиуми, администраторите на групата „Јавна соба“ (двајцата обвинети) во периодот од 19 декември 2019 година, до јануари минатата година, на социјалната мрежа Телеграм се грижеле за содржини што се споделуваат од членовите на групата. но свесно дозволиле на групата да се објават полови дејства со дете.
Веднаш по овој случај, во македонската јавноста исто така се појави и нова ваква група насловена „Јавна соба 2“.
И во двата случаја македонската полиција презеде истражни мерки и упати барање до руската социјална мрежа Телеграм да ги затвори групите во земјата, во кои беа споделувани експлицитни содржини со детска порнографија.