Премиерот Зоран Заев денеска го посети Црвениот крст, а за време на средбата со Генералниот секретар на оваа хуманитарна организација, Саит Саити беше претставена Програма за соработка помеѓу Црвен крст и Владата за обезбедување стокови резерви за делување при итни состојби.
Стоковите резерви ќе се обезбедуваат со посебни средства од Владата, кои ќе се користат за обезбедување одредена количина на хуманитарна помош, која во секое време ќе биде достапна за граѓаните погодени во случаи на елементарни катастрофи и кризни состојби.
„Денес Црвениот крст на Северна Македонија, со целото свое искуство, организираност и волонтерската база низ целата држава, со преку 500 волонтери и мобилни тимови учествува во справувањето со заканите од КОВИД-19 уште од почетокот на пандемијата.
Во оваа наша борба за совладување на здравствената криза со пандемијата, тие се во првите редови заедно со лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата“, истакна премиерот Заев и посочи дека волонтерите на Црвениот крст беа во првите редови, веднаш до спасувачите од Дирекцијата за заштита и спасување, до пожарникарите, полицајците и војниците за време на големите пожари во нашата земја во текот на месец август.
Заев нагласи дека посветеноста на овие волонтери не е само за време на катастрофите и дека тие се постојано на терен и им помагаат на бездомниците, социјално загрозените семејства како и на граѓаните на кои им е потребна помош.
„Заради сите овие причини и заради улогата на Црвениот крст во нашето секојдневие, денеска објавуваме дека соработката на Владата со Црвениот крст ја креваме на следно ниво. Владата на Република Северна Македонија го прифати предлогот на оваа хуманитарна организација за воспоставување долгорочно одржливо партнерство со Владата на Република Северна Македонија за да се мобилизираат севкупните капацитети во државата преку континуирано обезбедување на стокови резерви на хуманитарна помош која би била достапна за итно делување при вонредни состојби“, нагласи премиерот и дополни дека за таа цел е потпишана Програма за соработка помеѓу Црвен крст и Владата за обезбедување стокови резерви за делување при итни состојби.
Тој посочи дека со тоа ќе се обезбедат соодветни стокови резерви и логистичка поддршка за хуманитарна помош, обезбедени се инструменти за мобилизирање на финансиски средства, кои ќе се издвојуваат на годишна основа за дејствување во случај на итни состојби и катастрофи.
„Хуманитарната помош ќе биде наменета за помош на ранливо население погодено од катастрофа или итна состојба. Стоковите резерви ќе се обезбедуваат со посебни средства од Владата кои ќе се користат за обезбедување одредена количина на хуманитарна помош која во секое време ќе биде достапна за граѓаните погодени во случаи на елементарни катастрофи и кризни состојби. Нивната благородна акција е инспирација и поттикнува нови волонтери подготвени постојано да пружат помош, утеха, добар збор понесени од универзалното чувство за солидарност, хуманост и емпатија“, истакна премиерот Заев.
Генералниот секретар на Црвениот крст Саити истакна дека организацијата спроведува различни активности и услуги за унапредување на социјалната и здравствената добросостојба на граѓаните, а за оваа цел постојано се мобилизираат волонтери и средства за справување со хуманитарни предизвици, кои произлегуваат како резултат на климатските промени и природните катастрофи кои за жал се сè повеќе присутни на нашите простори, како што беа неодамнешните пожари во државата.
„Во таа насока сакам да ја истакнам и најновата заедничка иницијатива на Црвениот крст и на Владата за обезбедување на комплементарен одржлив пристап за подготвеност за итно делување во случај на катастрофи. Сметаме дека оваа Програма ќе претставува добра основа за наш заеднички одговор на хуманитарните предизвици кои се случуваат во нашата земја и регионот како резултат на кризни состојби и катастрофи“, посочи Саити.
При посетата премиерот Заев се зачлени, стана волонтер и доби волонтерски елек на Црвениот крст. Воедно на средбата тој прими златен медал на Црвениот крст, кој се доделува за посебни заложби и соработка во остварувањето на мисијата на оваа хуманитарна организација.