Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

„Бонтон за деца“ од Наум Попески (9)

Одиме на прошетка во друштво, но дали знаеме кој на која страна да оди, која страна е поважна?
Кај убавото однесување, десната страна е поважна од левата. Десната страна е знак на внимание, на гостољубивост… Таа им припаѓа на девојчињата, на постарите, на гостите… И тоа, секаде: и на масата и на прошетка.
Сегашните и идните момчиња треба да знаат дека девојката оди од десната страна. Ако шетаат две момчиња и едно девојче, девојчето оди во средината. А, ако шетаат две девојчиња и едно момче, тогаш момчето е во средината.
А по тротоарот?
По тротоарот треба да се оди од десната страна. Ама сте забележале ли дали сите одат така?


За авторот

Наум Попески е роден во Вевчани 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет) на групата книжевност и македонски јазик. Од 1971 година работи како новинар во редакцијата на весникот, „Нова Македонија“, каде што го помина целиот работен век. Неколку години го уредуваше и додатокот за деца „Колибри“.
Автор е на петнаесетина книги за деца, меѓу кои: „Ајде да растеме“, објавена како дебитантска книга во „Детска радост“ – Скопје, во 1982 година, а потоа од перото на Попески следуваа и книгите „Детелинка со четири листа“, „Изворчиња – поточиња“, „Една грешка – мака тешка“, „Еколошки бонтон“, „Спомени во слики“, „Летни, светни, светулке“…
Неговиот „Бонтон за деца“, книга за убаво однесување, е прво објавено дело од ваков вид на македонски јазик, и досега доживеала повеќе изданија.
Наум Попески е застапен во читанките по македонски јазик, а негови стихови има во многу антологии и зборници на литературата за деца. Преведуван е и на повеќе европски јазици, во книги и списанија за деца. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.