Најмлади победници на гранслем-турнир се Хингис, Селеш, Остин, Шарапова, Ченг, Санчез Викарио, Бекер, Виландер, С. Вилијамс, Граф…

ТЕНИС

Британската тинејџерка Ема Радукану (18) ги „преработи“ историските тениски книги кога неодамна ја освои својата прва гранслем-титула на САД опен. Со овој триумф, таа се искачи и на 23-то место на светската ранг-листа и се приклучи на листата на некои од најпознатите имиња во тенисот, кои, исто така, ја освоиле својата прва голема титула додека биле уште тинејџери. „Би-би-си“ потсетува на некои од најмладите гранслем-шампиони.
Мартина Хингис (со 16 години и 117 дена победи на Австралија опен во 1997 година) уште е најмладата шампионка на гранслем-турнир, победувајќи ја во финалето Мери Пирс. Таа освои вкупно пет гранслем-титули, уште четири во женски двојки и шест во мешани двојки. Се пензионира во 2017 година.
Моника Селеш (16 години, 189 дена, Ролан Гарос, 1990-та) освои осум гранслем-титули пред да наполни 20 години, но во 1993 година беше жртва на напад со нож за време на турнир. Последниот меч го одигра во 2003 година.
Трејси Остин (16 години, 270 дена, САД опен, 1979-та) останува најмладата шампионка на САД опен во историјата, за потоа да додаде уште една титула во 1981 г. Во 1994 година се пензионира.
Марија Шарапова (17 години, 75 дена, Вимблдон, 2004-та) во финалето пред 17 години ја победи славната Серена Вилијамс. Шарапова освои вкупно пет гранслем-титули, а се пензионира во 2020 година.
Мајкл Ченг (17 години, 110 дена, Ролан Гарос, 1989-та). Најзначајниот и единствен гранслем што го освои најмладиот шампион, беше финалната победа над Стефан Едберг на Ролан Гарос. Тој играше и во финалињата на Австралија опен и на САД опен во 1996 година.
За Аранча Санчез Викарио (17 години, 174 дена, Ролан Гарос, 1989-та) по победата над Штефи Граф следуваа уште два триумфа во Париз и на САД опен во 1994 година. Таа освои и шест титули во двојки и четири во мешани двојки пред да се пензионира во 2002 година. Две години подоцна се врати за да игра на ЛОИ, од кои има по две сребра и бронзи.
Борис Бекер (17 години, 228 дена, Вимблдон, 1985-та). Кога Бекер ја освои првата титула на Вимблдон, тој беше најмладиот тенисер со освоен гранслем-трофеј. Победи на Вимблдон уште двапати, а има и две титули на Австралија опен и на САД опен во 1989 година.
Матс Виландер (17 години, 293 дена, Ролан Гарос, 1982 г.) се прослави кога победи на Ролан Гарос против Гилермо Вилас. Виландер освои вкупно седум гранслем-титули, а во 1988 г. освои три од четирите, го пропушти само Вимблдон. Се пензионира во 1996 година.

Серена Вилијамс (17 години, 350 дена, САД опен, 1999-та) уште е активна и ја брка својата 24-та гранслем-титула, со што би го изедначила рекордот на Маргарет Корт. Во своето прво финале, на САД опен ја победи тинејџерката Хингис.
Штефи Граф (17 години, 357 дена, Ролан Гарос, 1987 г.). Пристигнувањето на Граф на сцената беше во годините на доминација на Мартина Навратилова, а Граф го победи тогашниот светски рекет број 1 за прв успех на Ролан Гарос. Таа освои вкупно 22 гранслем-титули.
Бјорн Борг (18 години, 10 дена, Ролан Гарос, 1974-та) освои 11 гранслем-турнири, од кои шест во Франција и пет на Вимблдон. Неговото прво пензионирање е на 26-години (1983) и беше шок за тенискиот свет. Се обиде да се врати во периодот помеѓу 1991-1993.
Рафаел Надал (19 години, три дена, Ролан Гарос, 2005-та) освои неверојатни 13 трофеи на Ролан Гарос и уште седум на други гранслем-турнири и со Роже Федерер и со Новак Ѓоковиќ имаат по 20 трофеи од најголемите турнири.