Вечерните долги ракавици, родени од потребата за скромност и традиционално поврзани со англиските балови и стариот Холивуд, повторно се враќаат во мода, судејќи според најновите колекции на брендовите за висока мода за претстојната есен.
Децении откако ги носеше Одри Хепберн, ракавиците ретко се појавуваа, најчесто како разигран додаток на настани на црвениот тепих, модните писти и гала-настани. Но најновите модни ревии најавуваат враќање бидејќи никогаш досега овој моден додаток не се појавил на толку многу модни ревии во една сезона, избран од дизајнери со толку различна естетика.
Ракавиците беа исто така еден од најголемите трендови на црвениот тепих во сезоната на награди во 2020 г. Тие дури се појавија во музички спотови што ја обележаа изминатата година, вклучувајќи ги и „WAP“ на Карди Б и Меган ди Сталиен, како и „Good 4 U“ на Оливија Родриго.
За есента 2021 година ракавиците се појавија во колекциите на „Гучи“ (во соработка со „Баленсијага“), „Прабал Гурунг“, „Родарте“, „Прада“, „Џонатан Коен“, „Брок колекшн“, „Марк Џејкобс“ и „Алтузара“. И додека „Гурунг“ и „Коен“ ги стилизираат во донекаде традиционален контекст со вечерна облека, „Родарте“ ги стави на плажа, „Брок колекшн“ во шума, а „Алтузара“ и „Џејкобс“ во комбинација со опуштена трикотажа што изгледа посоодветно да се облекува дома во ерата на епидемијата.
Импулсот продолжи во неодамнешните колекции на висока мода од брендовите „Фенди“, „Баленсијага“ и „Валентина“, каде што доаѓаат во низа различни бои и беа стилизирани со сѐ, од мини-фустани до панталони и машка облека.
Според Хали Спрадлин, директорка на компанијата за прогнозирање на модните трендови „Фешн снупс“, ова има врска со повторно контекстуализирање на нешто што некогаш изгледаше недостижно и резервирано за високото општество, пренесува списанието „Фешниста“.
– Она што е интересно за враќањето на оваа ставка е тоа што таа спаѓа во уште еден тренд што сме го следеле, а тоа е рушење на бариерите за традицијата и враќање на предмети што обично или историски ги носеше елитата, бидејќи истиот кодекс на облекување повеќе не важи – рече Спрадлин.