Ливерпул и Милан, кои заедно имаат 13 титули првак на Европа, и во третата официјална пресметка потсетија на возбудувањата од финалињата на ЛШ во 2005-та и во 2007-та. На мечот Манчестер сити – Лајпциг беа постигнати девет гола. Халер од Ајакс стана само вториот фудбалер што на своето деби во ЛШ постигнува четири гола
Фудбал што остава без здив, прекрасен, брилијантен, се реакциите во медиумите по мечевите од првата рунда по групи во Лигата на шампионите (ЛШ), посебно по осумте меча во средата на кои беа постигнати 28 гола, во просек 3,5 гола по натпревар. Ливерпул одигра вистински трилер-меч со Милан (3-2), Манчестер сити постигна шест гола на средбата со Лајпциг (6-3), а Себастијан Халер (27) четири пати се запиша во листата на стрелците за Ајакс, на дуелот со Спортинг на гости (5-1), и стана само вториот фудбалер што на своето деби во ЛШ постигнува четири гола, откако претходно тоа го оствари Марко ван Бастен за Милан во 1992 година.
– Не ми се верува, ова е како сон. Не можев да посакам повеќе. Среќен сум и се обидувам да уживам. Бев фокусиран само на мојата работа, но им благодарам на моите соиграчи за поддршката – изјави Халер.
Ливерпул и Милан, кои заедно имаат 13 титули првак на Европа, и во третата официјална средба одиграа вистински „класик-натпревар“ и потсетија на возбудувањата од финалињата на ЛШ во 2005 и во 2007 година. На овој меч „црвените“ поведоа, потоа промашија пенал, по што Милан постигна два гола пред крајот на првиот дел. Во второто полувреме, Ливерпул постигна два гола за целосен пресврт, на голема радост на своите навивачи на „Енфилд“, кои уживаа во првиот натпревар во ЛШ по март 2020 година. Мохамед Салах промаши пенал во првото полувреме, но постигна еден гол во вториот дел, 14-ти за него на „Енфилд“ во ЛШ, со што се израмни со клупската легенда, Стивен Џерард. Под водство на менаџерот Јирген Клоп, Ливерпул беше поразен на само еден од 13-те меча (10 победи и две ремија) во групната фаза дома, лани од Аталанта, 0-2. „Црвените“ во просек постигнуваа по 2,5 гола на свој терен во групната фаза, откако Германецот ја презеде функцијата во октомври 2015 година (33 гола). Во 83. минута во игра влезе Даниел Малдини (19), за кого тоа беше деби за Милан во ЛШ. Тој е трета генерација фудбалери што го носат дресот на Милан, по таткото Паоло и дедото Чезаре Малдини.