Од Светскиот синдикат на фудбалерите најавуваат дека наскоро ќе се состанат со Светската фудбалска федерација за да поразговараат за предлозите за меѓународниот календар со светско првенство секои две години

Светскиот синдикат на фудбалерите (ФИФПРО) вели дека ревизијата на меѓународниот календар со одржување светски првенства (СП) секои две години не може да има легитимитет без поддршка од играчите, мажи и жени. Од ФИФПРО најавуваат дека наскоро ќе се состанат со Светската фудбалска федерација (ФИФА) за да поразговараат за предлозите.
„Без договор со играчите, без кои не се можни натпреварувањата, ниту една реформа нема да го има потребниот легитимитет. Тековната дебата следува по уште една грешка во процесот и во пристапот во кој додатоците во календарот се дебатираат јавно во отсуство на длабински процени на влијанието, транспарентните информации и, што е најважно, посветеноста да се договорат подобрувања во играта со добра волја помеѓу сите засегнати страни“, пишува ФИФПРО на својата интернет-страница.
ФИФА вели дека нејзините планови го штитат здравјето на играчите и обезбедуваат поголема конкуренција на сите нивоа. Светската фудбалска федерација предложи и задолжителен одмор од 25 дена за играчите од моментот кога нивната репрезентација ќе биде елиминирана од финалниот турнир. Од ФИФА тврдат дека нејзините предлози не го зголемуваат вкупниот обем на натпревари, бидејќи квалификацискиот процес би бил поедноставен и скратен. Намалувањето на меѓународните паузи во годината на една или максимум две, значително би го намалило патувањето за играчите. Земјите-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА) деновиве разговараа за календарските предлози, а претседателот Александер Чеферин за британски „Тајмс“ изјави дека неговата конфедерација може да го бојкотира СП доколку измените се изгласаат.

– Играчите имаат природни физиолошки ограничувања и својствен интерес за одржлив напредок на играта, успехот на спортот зависи од нивната физичка и ментална благосостојба. Она што ќе го одлучиме на врвот на играта влијае на илјадници професионалци во светот. Сите планови за проширување на натпреварите мора да го интегрираат нивното колективно искуство и ставови. Исто така, уште еднаш е фрустрирачки што конкретното и фундаментално влијание врз фудбалот за жени се дебатира како придружен производ, а не како свој легитимен процес со уникатни потреби и можности. Недостигот од вистински дијалог и доверба помеѓу институциите во фудбалот ја блокира способноста на играта да изгради поголема отпорност по болната пандемија, а ние постојано се враќаме на истите стари навики на конфликт – вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.