Деца од сите возрасти имаат можност да се запознаат со традиционалната јапонска вештина оригами, да дознаат повеќе за историјата на оваа техника, да се забавуваат.
Оригами („превиткана хартија”) е јапонска техника на виткање и обликување на хартија и одличен вид на ракотворба погодна и за деца и за возрасни.
– Оригами е магија, уметност и секако игра. Целта на оваа едукативна работилница е да се развие креативноста и моторните движења кај младите, тренирање на меморијата и логичното размислување, учење да го концентрираат вниманието. На оваа работилница децата учат да изработат оригинални фигури и форми од хартија – животни, цветови, декоративни предмети, добиваат шема со детална инструкција од оригамите кои ги изработуваат, како и мали подароци – појаснија претставници на организаторот на настанот, КСП ПОДИУМ –Јадро.
Тие информираа дека Афродита Николоска е дипломирана модна дизајнерка, родена во Скопје.
Оваа година ги заврши своите додипломски студии во Санкт Петербуржската државна академија за уметност и индустрија именувана по А. Л. Штиглиц, факултет „дизајн”, смер „моден дизајн” и во истата академија ќе ги продолжи постдипломските студии. Љубовта кон техниката оригами ја негува уште од детството. Многугодишното искуство на правење оригами и помогнало да ја совлада оваа техника и многукратно и послужило како инспирација за проекти и модни колекции.