Европа е нашето семејство и очекувано е семејството да ја прифати Македонија која е во срцето на континентот, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, на лидерскиот панел на Бледскиот стратегиски форум посветен на темата „Иднината на Европа – Проширувањето“.
– За нас ЕУ нема алтернатива. Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, а Европа е нашето единствено семејство. Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива – потенцираше Заев.
Тој потсети дека нашата земја е веќе 16,5 години земја кандидат и земја која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година веднаш после Словенија, а пред Хрватска.
– Ги спроведовме сите реформи предвидени во пристапната фаза за членство во ЕУ, како и сите критериуми утврдени согласни процедурите за проширување на Брисел. Имаме 12 препораки и конечна препорака на Европската комисија со Европскиот совет дека земјата може да ги почне преговорите за членство со организација на првата меѓувладина конференција. Имаме одлични односи со соседите и ги надминавме отворените прашања со што ни се отворија вратите за да бидеме 30-та членка на НАТО. Имаме функционално мултиетничко општество кое ги доби сите признанија и се препознава како модел и пример за другите, и се надевам дека конечно ќе ги започнеме преговорите по поглавјата за членство во ЕУ – нагласи премиерот Заев.
Тој говореше и за иницијативата „Отворен Балкан“ за која рече дека е иницијатива посветена на соработката меѓу земјите од регионот за да ги постигне европските стандарди за квалитетен живот за граѓаните и за одржување на мотивацијата за остварување на членство во ЕУ.
Воведно обраќање на лидерскиот панел „Иднината на Европа – Проширувањето“ на Бледскиот стратегиски форум имаше претседателот на Словенија Борут Пахор кој истакна дека оваа година форумот е специјално посветен на земјите од Западен Балкан и укажа дека регионот е дел од Европа и дека треба да активно да учествува во проширувањето на ЕУ и дека одложувањето на проширувањето ќе предизвика сериозни последици.
Словенечкиот претседател потенцираше дека проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија не е само политичка, туку морална обврска за Брисел и заради фактот што Република Македонија направи сѐ што беше неопходно, а ЕУ за возврат не испорача ништо.