Државниот музички и балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј“ после повеќе од 15 години доби ново концертно пијано. Инструментот денес на првиот учебен ден беше поставен од страна на Пијано Центар во камерната концертна сала и е во функција на располагање на училиштето.
– Поубав почеток за учебната година, порадосен почеток за еден музички центар, како ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, кој е најголем во нашата држава, одамна немало. Токму денес, на 1. септември, во училиштето пристигна новото концертно пијано Petrof Storm. Со овој подвиг, кој е значаен за центарот, градот Скопје се збогати со уште еден концертен подиум со две концертни пијана – информираат во училиштето.
Директорката проф. м-р Даница Стојанова, вели дека инструментот е набавен во соработка со Министерството за образование и наука, односно со поддршка од министерката Мила Царовска.
– Повеќе од 15 години не е купено концертно пијано во центарот. Нашиот сон стана реалност. Младите пијанисти и останатите ученици ќе добијат можност да ја почувствуваат убавината на новото концертно пијано, а секако ќе биде мотивација и за сите млади надежи во центарот. ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј”, ја потврдува својата улога и значење на креирање на културно-уметничкиот живот во Скопје и државата, истовремено продолжува да биде расадник на големи таленти – изјави директорката.
А.П.