Американскиот претседател, Џо Бајден, синоќа изјави дека нов терористички напад во Авганистан би можел да се случи во следните 24 до 36 часа.
– Ситуацијата на терен сѐ уште е многу опасна, а заканата од терористички напади на аеродромот во Кабул остана голема. Нашите команданти ме информираа дека најверојатно ќе има напад во следните 24 до 36 часа – рече Бајден.
Тој додаде дека утрово се сретнал со тимот за национална безбедност во Вашингтон и одржал разговор со командантите на терен.
– Разговаравме за нападот извршен од американските сили против терористичката група ИСИС во Авганистан. Реков дека ќе ја нападнеме групата одговорна за терористичкиот напад врз нашите војници и невини цивили во Кабул, и го направивме тоа – изјави Бајден.
Тој рече дека нападот врз ИСИС не е последен и дека САД ќе го фатат секое лице вклучено во терористичкиот напад што се случи завчера.