Модната индустрија е втора економска гранка во светот и еден од главните виновници за загрозувањето на животната средина
„Моден викенд Скопје“ објавува отворен повик „Модата како дел од екосистемот“. Проектот обезбедува едукација и инспирација за новата генерација модни дизајнери за одржливи теории и техники на дизајнирање, за да се поттикне порастот кон циркуларниот моден систем. Преку оваа иницијатива тие сакаат да му дадат нов живот на текстилниот „отпад“ на неочекувани начини.
– Дали го имате она што е потребно за да ја преиспитате суштината на модата и да направите нејзина реимагинација? Ако сте млад дизајнер со помалку од три години искуство, вие сте вистинскиот кандидат за аплицирање на овој проект. Имате задача да создадете одржлив моден дизајн од текстилен отпад. Вашиот производ треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја. Испратете мудборд (колаж што се состои од слики, текст и примероци на материјали), илустрирајќи ја темата, и три скици со вашата идеја за „реставрирање на модата“, со користење техники за одржлив дизајн на нула-отпад на [email protected] до 12 септември, најдоцна до 17 часот – апелираат од „Моден викенд Скопје“.
Дванаесет дизајнери/студенти ќе учествуваат на финалниот перформанс и изложба за време на осумнаесеттото издание на „Моден викенд Скопје“ (ноември 2018), како и во серија работилници за одржлив дизајн под менторство на Ирина Тошева. Финална фаза и завршница на проектот ќе биде организација на моден перформанс и изложба.
– Модната индустрија е втора економска гранка во светот и еден од главните виновници за загрозувањето на животната средина. Брзата мода произведува огромни количества отпад. Околу 40 отсто од купените алишта ретко или никогаш не се носат, во просек облеката се носи само 3,3 пати во текот на животот кај едно лице, а околу една третина од малопродажната облека никогаш не се продава и затоа е изгорена или уништена по другпат. Со овој проект сакаме да ѝ дадеме втор живот на облеката, вреднувајќи го и туѓиот труд. Модата има моќ да направи позитивни промени, повторно да создаде мерки против тековните штетни системи – информира Марија Илиќ, лице за односи со јавност на „Моден викенд Скопје“.
Проектот е поддржан од Министерството за економија на РМ, во соработка со текстилниот кластер „Македонија“ и „Пакомак“.