Ефектот Мандела е навистина голема енигма. Тоа е феномен кога поголема група луѓе
погрешно се сеќаваат на едно исто искуство
Сигурно барем еднаш ви се случило да гледате филм и добро да се сеќавате на некоја специфична сцена, а кога ќе го гледате истиот филм по неколку години, добропознатата сцена не изгледа онака како што ја паметите. Или, пак, да евоцирате спомени со пријателите за настан на кој никој освен вас не се сеќава на ист начин? Станува збор за ефектот Мандела.
Ефектот Мандела првпат го опиша блогерката Фиона Брум, во 2010 година, зборувајќи за нејзиното искуство од една конвенција. На конференцијата, таа се сретнала со група луѓе со слични спомени што ги имала и таа. Имено, според нивното сеќавање, Нелсон Мандела, јужноафриканскиот револуционер и политичар, починал во затвор во средината на 1980-тите години. Нејзините соговорници тврделе дека живо се сеќаваат на вестите, насловите на весниците и извадоците, додека една од учесничките на конвенцијата тврдела дека таа дури го гледала преносот во живо на погребот и шокантниот говор на вдовицата на Мандела. Ништо од ова не би било чудно ако, во моментот кога учесниците на конференцијата разговарале со Фиона, Нелсон Мандела не бил жив.
Ова не е единствениот случај на лажна меморија за смртта на Нелсон Мандела. Милиони луѓе во светот ги потврдија спомените за Фиона Брум, а смртта на Мандела е запишана и во една книга за историјата на Јужна Африка, во која се наведува дека Мандела починал во 1991 година, дури дваесет и две години пред неговата вистинска смрт во 2013 година.
Примери за ефектот Мандела се присутни во современата поп-култура, а нивната листа секојдневно расте. На пример, ако некој ве праша што зборува злобната маќеа на Снежана додека му се обраќа на волшебното огледало во популарната адаптација на бајката на Дизни, што би одговориле? „Огледалце, огледалце што висиш на ѕидот“ (Mirror, mirror on the wall)? Всушност, злобната кралица никогаш не го изговорила тоа. Нејзиното обраќање до огледалото отсекогаш било: „Волшебно огледало на ѕидот“ (Magic mirror on the wall).
Ефектот Мандела не го заобиколи ниту малиот пријател на Волт Дизни, Мики Маус, миленикот од детството на милиони луѓе во светот, кој носи црвени панталони со трегери прикачени на две копчиња? Кога подобро ќе размислиме, Мики навистина носи црвени панталони со копчиња, но нема ни трага од трегерите.
Обожавателите на филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“ сигурно се запознаени со сцената во која инспекторката Кларис оди во прва посета на Ханибал Лектор. Оваа култна сцена ужива во овој статус поради специјалниот тон со кој Ханибал ја поздравува Кларис, велејќи „Здраво, Кларис“, и затоа оваа реплика честопати беше цел на пародии. Љубителите на филмот отидоа дотаму што печатеа и носеа маици со натписи „Здраво Кларис“. Меѓутоа, ефектот Мандела се појавува тука во полн сјај. Ханибал никогаш не кажал такво нешто во целиот филм, а инспекторката ја поздравил со едноставно – добро утро.
Теоретичарите на заговор нудат различни решенија во форма на паралелни светови, масонски асоцијации и патувања низ времето. Без разлика дали се вистинити или не, понекогаш е најдобро да не бараме решение. Како што вели Форест Гамп во истоимениот филм: „Животот е како кутија со чоколади, никогаш не знаете што ќе добиете“, ако навистина го рекол токму тоа.
Психолозите го објаснуваат ефектот Мандела преку меморијата и влијанијата на општеството, особено лажната меморија. Тоа значи погрешно прикажување на настани или искуства што не се случиле, или искривување на постојните спомени. Потсвесното создавање имагинарни или погрешно протолкувани спомени се нарекува конфабулација. Тоа е дополнување на празнините во меморијата со измислени детали и фиктивни епизоди, односно раскажување измислени, фантастични приказни како вистинити. Во секојдневниот живот, конфабулацијата е релативно честа појава.
Некои сеќавања имаат очигледна врска со вистинските настани од минатото на една личност, додека други сѐ потешко е да се поврзат, бидејќи можат да содржат елементи од разговори што ги имале со некого, вести што ги слушале во медиумите или читале во печатот, фантазии што ги имале. Таквите луѓе не само што веруваат во своите спомени туку честопати постапуваат во согласност со нив.
Кога станува збор за ефектот Мандела, многу примери може да им се припишат на таканаречените „шематски грешки“. Шемите се организирани „пакети“ на знаење што управуваат со меморијата. Тие го олеснуваат разбирањето на материјалот, но исто така може да предизвикаат искривување.