Актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Скопје, како независен кандидат.
– Драги скопјани, мои сограѓани, би сакала со вас јавно да споделам и официјално ја објавам својата кандидатура како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја барам поддршката од сите вас чесни луѓе кои сакаат промени. Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува – напиша Арсовска на Фејсбук.
Во промотивното видео наведува дека е време да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија.
– Како изградена личност и жена која со труд и посветеност успеала во личните и професионални предизвици, ве повикувам заедно да се посветиме Скопје да прерасне во современа и европска метропола – вели Арсовска.