Талибанците ги спречуваат авганистанските државјани да стигнат до аеродромот во Кабул, еден ден откако нивниот портпарол објави дека ќе им биде дозволен премин само на странски државјани, пренесува „Ал Џезира“.
Талибанците поставија контролни пунктови на пет километри од северната порта на аеродромот, околу кои последните денови се собраа повеќето Авганистанци кои сакаат да ја напуштат земјата.
Дописник на катарската ТВ-мрежа наведува дека ситуацијата се променила преку ноќ.
– Тие не дозволуваат поминување на секој што не може да докаже дека има американска виза, американски пасош или писмо за покана од САД или некои од земјите членки на НАТО – наведува тој во извештајот.
Додаде дека слична е ситуацијата и на источната порта.
Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, вчера изјави дека движењето го затворило патот до аеродромот во Кабул, и дека им е дозволено да минуваат само странски државјани.
Тој на прес-конференцијата оцени дека собирањето на аеродромот е опасно и дека луѓето можат да го загубат животот.