Вонредната седница на косовското Собрание за избор на владиниот тим за преговори со Србија, на предлог од премиерот Рамуш Харадинај, првично закажана за вчера во девет часот наутро, по неколкуте неуспешни обиди за одржување во текот на вчерашниот ден, доцна синоќа беше закажана за денеска во 14 часот.
Меѓутоа, како што јавува дописникот на МИА од Приштина, и овој последен обид да се обезбеди доволен број пратеници за изгласување на тимот што ќе учествува на преговорите во Брисел, се покажа како неуспешен, така што седницата е презакажана за 16 часот.
Седницата вчера и денеска ја бојкотира косовската опозиција, која смета дека со ваквото однесување владејачкото мнозинство се обидува да ги минира обидите за спречување на поделбата на Косово, за што, како што велат опозиционерите, се залага претседателот на државата Хашим Тачи.
Харадинај предлага владин тим кој за преговорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, на чие чело ќе биде вицеприемиерот Фатмир Лимај. За негов заменик е предложен другиот вицепремиер Енвер Хоџај, додека членови на делегацијата се министерот за надворешни работи Беџет Пацоли, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија Авни Арифи.
Во составот на делегацијата што ќе преговара во Брисел, премиерот предлага да има и по еден претставник на опозициските партии на Албанците во Собранието, како и експерт од невладиниот сектор. Сепак, главен косовски преговарач останува претседателот Тачи.
Косовската опозиција е против тоа Тачи да ги предводи преговорите со Србија, заради неговите залагања за корекција на границите, односно на размена на територии меѓу двете земји.
Пред да се закаже седницата на барање на Харадинај, Собранието веќе имаше закажано седница на барање на опозицијата за расправа за преговорите со Србија, односно за усвојување на резолуција за непроменливост на границите на Косово.
Меѓутоа, во последен момент, доцна вечерта во понеделникот, собраниското Претседателство ја закажа седницата за гласање на предлогот на Харадинај за владин тим за преговорите со Србија. Седницата на барање на Харадинај беше закажана за вчера во девет часот, еден час пред претходно закажаната седница на барање на опозицијата, која во текот на вчерашниот и денешниот ден воопшто не започна.
На седницата што ја побара, опозицијата најави резолуција со која на претседателот Тачи ќе му се забрани да води било какви преговори со неговиот српски колега Александар Вучиќ за прекројување на границите, односно за размена на териториите меѓу двете земји.