Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, на социјалните мрежи објави став во кој вели во Македонија владее „талибанско правосудство“.
– Заев ќе прифаќа бегалци од Авганистан за да се спасат од талибанците и талибанскиот суд, а создаде талибанско правосудство во Македонија кое целосно го контролира за случаите кои му се важни и кое обвинува и осудува по негова нарачка – смета Груевски.
Тој додава дека кај талибаците е доволно да те осудат затоа што си бил нивни противник, што според него, не е ништо поразлично и во Македонија, по доаѓањето на Заев и СДСМ на власт.
– Не им требаат ни реални докази, ни реални сведоци, ни сторено кривично дело. Откако ќе падне наредбата, сѐ се фабрикува, потоа сите се прават глуви и слепи, секој во системот гледа да не настрада и се тече по издадената наредба – посочува поранешниот премиер со политички азил во Унгарија.
Потоа тој како примери за своите трврдења ги наведува предметите за 27 април, „Тенк“, протестите во Центар и Сеад Кочан.
– Елементарни докази нема, ниту пак може да има за оној случај кој неодамна го започнаа каде ме обвинуваат дека сум купил и продал земја и дека сум купил два помали станови, кои всушност ги изнајмував, а за што имам и склучен договор за закуп. Ниту сум купил и платил, ниту сум продал нешто од ова, но судење пред изборите мора да има, а ќе се потрудат од септември да биде на неколку дена за да биде алатка во изборниот процес за локалните избори – смета Груевски.
Тој тврди дека целосно противзаконски е започната судска процедура за предмет во кој ниту тој, ниту, како што вели, било кој од обвинетите немаат сторено никакво кривично дело.
– Се работи за предмет кој планираат да го завршат со 2-3 силно уценети сведоци од нивна страна, без ниту еден материјален доказ дека нешто сум купил, платил, продал и наплатил или дека од некаде сум прибавил пари за такво нешто, ниту пак реално можат да го имаат бидејќи такво нешто не постои – нагласува Груевски според кого во ваков случај само по себе се наметнува прашањето што е разликата од македонското до талибанското правосудство.
Во Македонија петта година имаме талибанско правосудство, смета Груевски.
– Во Авганистан по 20 години дојдоа на власт талибаците и нивните судови кои судат по нивни правила и нарачки. Во Македонија петта година имаме талибанско правосудство под контрола на Зоран Заев, во кое неподобните судии се разрешуваат со образложение дека се прави некаков ветинг. И премиер и министри и лажни и уценети сведоци, кој мислат дека вечно ќе биде вака како што е сега. Дека ние ќе бидеме толку многу години осудени и уништени, што тие вечно ќе се мирни, спокојни и среќни – наведува во објавата побегнатиот поранешен премиер.