Моја голема желба е женскиот ракомет во Македонија да се подигне на многу повисоко ниво, на степен на машкиот, и да се зголемат вложувањата и интересот за градење на женските тимови слично како кај машките, вели голманката на Металург, Амра Илјаз
ГОЛМАНКАТА АМРА ИЛЈАЗ ПРВ СТОЛБ НА ОДБРАНАТА НА РК МЕТАЛУРГ
Секој спортист има сон и желба за градење успешна кариера во европски и во светски рамки, но моја голема желба, пред сѐ, е женскиот ракомет во Македонија да се подигне на многу повисоко ниво, на степен на машкиот, и да се зголемат вложувањата и интересот за градење на женските тимови слично како кај машките, вели голманката на Металург, Амра Илјаз, која е една од четирите ракометарки што во пресрет на подготовките за новата натпреварувачка сезона ја продолжија верноста со женскиот ракометен клуб Металург.
Младата и талентирана голманка на Металург првите спортски чекори ги направила во каратето, но по двегодишно тренирање сфатила дека, сепак, ракометот е спортот што повеќе ја привлекува и исполнува.
– Живеам во населбата каде што се наоѓа ракометниот дом на Металург и се воодушевив кога мојот прв ракометен тренер Саше Сотировски кажа дека ќе тренираме во салата „Автокоманда“, место каде што е испишана богатата ракометна историја на Металург. Имав осум години кога почнав да ги учам ракометните вештини. Најпрво бев играч, но бидејќи немавме голмани сите се менувавме на голот и така со време низ натпреварите од мини-лигата се пронајдов на таа позиција, а потоа почнаа надградбата и усовршувањето во пионерската, кадетската и младинската екипа на Металург – раскажува Илјаз, која потекнува од спортско семејство, со татко фудбалер, мајка што тренирала ракомет и постар брат кошаркар.
Илјаз 13 години е дел од ракометното семејство на Металург, со кое има освоено 10 шампионски титули во младите категории (четири во младинска и по три во кадетска и пионерска), а исто така беше дел и од кадетската и младинската репрезентација на Македонија, со која има настапи на ЕХФ-шампионатите од дивизијата Б и квалификациите. Илјаз е првиот столб на одбраната на Металург, кој сезонава влегува со амбиција за враќање на титулите во домашното првенство и во Купот.
– Металург сезонава влегува со малку изменет состав, некои девојки заминаа во други клубови, некои престанаа да играат, а имаме и неколку нови ракометарки. Ќе биде малку потешко на почетокот додека го составиме тимот и се воиграме, но се надевам дека со добри подготовки ќе можеме да атакуваме на двојна круна во домашното првенство. Исто така верувам и во добар настап во Купот на ЕХФ, бидејќи добивме атрактивен ривал со кој ќе можеме да се надигруваме за пласман во следното коло – додава младата голманка на Металург, чиј идол и пример за напредок и усовршување во овој спорт е поранешната звезда на Металург, Дарко Станиќ.
Според најавите, ракометната сезона во домашното првенство за девојките би требало да започне во средината на септември, а во средината на октомври, пак, на распоред се натпреварите од 2-то квалификациско-елиминациско коло од Купот на ЕХФ, во кое противник на Металург ќе биде тимот на Дуделенж од Луксембург.